Во фабриката на BMW во Лајпцих денес се произведе 1,5-милионитото возило. Јубилејното возило е ванот Active Tourer од серијата 2 на баварската марка.
Директорот на фабриката во Лајпцих, Др. Милан Недељковиќ, изјави по повод јубилејот: „Многу сум горд на нашиот тим. По неполни десет години од отворањето на фабриката, денес веќе го прославуваме производството на 1,5-милионитото возило.“ Јубилејниот BMW 2 Active Tourer е нарачан од клиент во сојузната германска покраина Баден-Виртемберг. Ванот се произведува исклучиво во Лајпцих од почетокот на јули, а продажбата на моделот на европскиот пазар стартуваше официјално во септември.
Во фабриката дневно се произведуваат по 750 возила. Освен ванот од серијата 2, тука се произведуваат уште BMW X1 и верзијата со пет врати од серијата 1. Во септември минатата година стартуваше и производството на електричниот автомобил i3, а од мај оваа година тука се прозведува и спортското купе i8 со хибриден погон. Погоните во Лајпцих се вбројуваат меѓу најнапредните во светот. Од почетокот на сериското производство во март 2005 година, Баварците инивестираа преку две милијарди евра во оваа фабрика, којашто денес вработува околу 4.000 лица.
















