за ,

100 години автомобили од подвижна лента

Воведувањето на подвижната лента во производствениот процес овозможи автомобилите да станат достапни за широките народни маси. Народот купуваше автомобили, критичарите реагираа за тешките услови на работа.

Малку работи го променија светот во толкава мера како појавувањето на автомобилот во 1885 година. Но, автомобилот стана достапен дури откако Хенри Форд ја воведе подвижната лента во производствениот процес. Како резултат од тоа, легендарниот Ford Model T се продаваше во милиони примероци, прво во Северна Америка, а потоа и на сите други континенти. Матичната фабрика на Ford во Хајланд Парк во близина на Детроит со децении беше главно одредиште на конструкторите на автомобили од другите марки, кои учеа како да го воведат системот на подвижна лента во нивната фирма.

1912ModelT_02_HRАвтомобилската индустрија ја доживеа најголемата револуција. Претходно автомобилите се произведуваа едно по едно, односно мораше комплетно да се доврши едно возило, за работата да може да се префрли на следниот. Производството беше скапо, а автомобилите беа достапни само за богатите. Тоа беше повод за американскиот конструктор на автомобили Ели Олдс во 1901 година да го адаптира производството на подвижна лента кое што се практикуваше во фабриките за конзервирање во Чикаго.

HP_AsblyLine1926_HRТранспортот на материјали меѓу одделните производствени позиции се одвиваше преку лента, која што Американецот Оливер Еванс ја патентираше во 1790 година за мелница за жито. Обемот на големосериското производство изгледа смешно според денешните бројки. Во 1901 година Oldsmobile беше најголем авто производител во САД со 425 примероци од моделот Curved Dash.

Ford T се купуваше за четири месечни плати на американски работник

Откако Ford почна да произведува на лента, цените на возилата паднаа драстично. Ford T се купуваше со четири месечни плати на работник во индустријата во САД. Европските возила беа двојно поскапи и појавувањето на Ford T на салонот во Париз во 1913 година претставуваше огромна сензација. Продажбата на американскиот автомобил во Европа почна да зема замав, но во меѓувреме почнаа да се наѕираат темните облаци на првата светска војна.

Инженери од Citroen, Opel, Fiat и Austin учеа кај Ford

На крајот на кариерата, револуционерниот Ford заслужи почесно место меѓу најславните автомобили на светот. Со 15 милиони произведени примероци, Model T долго време беше најпродаван модел на сите времиња. Кога стартуваше производстото на лента на Model T, во цела САД имаше само 900.000 возила, а во 1927 година по американските патишта се движеа дури 20 милиони возила.

Model_T_0459_HRПокрај производството на подвижна лента, за ниската цена на Ford Model T придонесе и воспоставувањето на првиот рационализиран синџир на производство, почнувајќи од набавка на суровини до испорака на готово возило. Потребните материјали се испорачуваа точно на време, со што се избегна потребата од скапи и комплицирани магазини. Во 1911 година Model T чинеше 780 долари, а во 1914 година цената се спушти на 490 долари. Работниците на Ford можеа да си го дозволат возилото по вредност на 98 дневници.

Андре Ситроен ја донесе подвижната лента во Европа

Конструкторот Андре Ситроен го донесе системот на производство на подвижна лента по пример на Ford во Европа во 1919 година, што овозможи Citroen за кусо време да се вивне како најголем производител на возила во Франција. Opel прв го воведе системот во Германија, како реакција на инфлацијата во 1923 година. Фабриката на браќата Опел целосно се преструктурира за производство на само еден модел во само една боја, во зелена.

Opel 4/12 PS стана бестселер со 120.000 продадени примероци, а од 1925 година му се придружи и Fiat 509. Моделот на Fiat стана најпродаван автомобил во Италија благодарение на воведувањето на подвижната лента, но и на почетокот со продажба на рати преку банката на Fiat. Херберт Остин ја мобилизираше Англија со малечкиот автомобил Austin Seven, а во 1934 година и Адолф Хитлер наложи развој на автомобил за народот.

Volkswagen или Народното Возило го конструираше генијалниот Фердинанд Порше. Германските производители реагираа збунето на барањето на Хитлер за развој на автомобил што годишно ќе се произведува во 1,5 милион примероци, особено покрај фактот што кон крајот на 1930-те години, продукцијата на целата германска авто индустрија произведуваше меѓу 300.000 и 400.000 возила годишно.

Во 1972 година на подвижните ленти во Волфсбург се произведе 15-милионитиот примерок од Бубата на Volkswagen, потиснувајќи го Ford Модел Т од позицијата најпродаван автомобил на светот. Наследникот Golf веќе се приближува кон 30 милиони примероци. Апсолутен рекордер сепак е Toyota Corolla, која до денес е најпродаван автомобил на светот. Во 13-те генерации на моделот, од фабриките на Toyota излегоа околу 40 милиони возила, произведени според Кајзен, принцип воведен уште во 1936 година. Овој систем на постојано усовршување овозможи постигнување на високи стандарди за квалитет и раст на продуктивноста.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ТЕСТ · Kia Ceed 1.6 CRDi LX

BMW со профит од 1,3 милијарда евра