за ,

Џејмс Бонд ќе вози автомобил со погон на батерии?

Во Aston Martin се работи интензивно на автомобили со електричен погон. Тоа навестува дека филмскиот агент Џејмс Бонд во блиска иднина ќе ги гони злобниците со погон на батерии. Наспроти тоа, некои луксузни марки уште му се спротивставуваат на овој погон.

Постојат спротивставени ставови околу електричниот погон во автомобилите за богатите и убавите. Lamborghini со електромотор? Тоа може да се добие само во скапите детски автомобилчиња или во електричните пили од фирмата за луксузни производи на дизајнерот Тонино Ламборгини. Шансите за електричниот погон се еднакви на нула и кај Ferrari. Шефот на италијанскиот концерн, Серџо Маркијоне, кој воедно е и шеф на мануфактурата од Маранело, неодамна на салонот во Женева одговори со „само преку мене мртов“ на прашање дали електричниот погон ќе се користи во моделите на Ferrari. Според него, „дури и само помислата на Ferrari со електромотор е непристојна.“ Сосема поинаков е ставот кај две реномирани спортски марки од Велика Британија. Таму веќе се работи „под полна пареа“ на погонот на иднината.

Електричниот погон во Lamborghini засега е можен само во пилите на Тонино Ламборгини
Електричниот погон во Lamborghini засега е можен само во пилите на Тонино Ламборгини

Првиот чекор во луксузната класа го направи американскиот Tesla Motors. Спортската лимузина Model S, со електромотори со моќност од 262 КС за предната оска и 510 КС за задната оска, забрзува до сто за три секунди и постигнува крајна брзина од 250 километри на час. Според производителот, со едно полнење на батериите може да се поминат до 505 километри. Автомобилот ужива култен статус особено на калифорниските патишта, со продажба што заостанува единствено зад класата S на Mercedes, но подобра од продажбата на Porsche, BMW или Audi, иако цената му е над 100.000 евра.

Британските спортски марки McLaren и Aston Martin сакаат да се вмешаат во играта. Во седиштето на McLaren Automotive во Вокинг, на половина час возење од Лондон, инвестирањето во електричниот погон е дел од планот за следните шест години. Како наследник на знаменосецот P1 се предвидува модел што ќе вози само на струја, но само во случај ако „автомобилот е возбудлив и супериорен како што се очекува од еден McLaren“ – изјавува шефот Мајк Флувит. На развојот на прототип се работи под полна пареа. До 2022 година, половината од планираната понуда од 15 модели на McLaren ќе поседува хибриден погон.

Зад развојот на елњектричниот Aston Martin Rapid-E стои солиден инвестициски капитал од Кина
Зад развојот на електричниот Aston Martin Rapid-E стои солиден инвестициски капитал од Кина

На електричниот погон се работи уште посериозно во Aston Martin, новиот партнер на Mercedes и корисник на моторите од Mercedes-AMG. Лани во октомври беше свечено претставен концептот на електричниот автомобил Rapid-E, пред претставници од кралскиот двор и пред кинескиот претседател Кси Јинпинг. Причина за претседателската посета на Лондон беше заинтересираноста на China Equity, водечката инвестициска банка на Кина, да учествува во развојот на Rapid-E за сериско производство.

Посетата резултираше со потпишување на „меморандум на разбирање“, со кој се предвидува во следните две години Aston Martin и кинескиот партнер Le Eco да стартуваат со продажба на електричната верзија на Rapide S. Се размислува и за други модели на Aston Martin со погон на струја. Партнерот и производител на електрични апарати Le Eco за таа цел ќе ја вклучи во игра и новоформираната американска компанија Faraday Future, која одржа премиера на својот прв електричен автомобил на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, во јануари годинава. Зад компанијата стои кинескиот интернет-милијардер Јиа Јуетинг, со проценето богатство од 7,8 милијарди долари и со тоа еден од најбогатите Кинези.

Правилото во Aston Martin: Тој што прашува за цената, не може да си дозволи автомобил од оваа марка
Правилото во Aston Martin: Тој што прашува за цената, не може да си дозволи автомобил од оваа марка

Според шефот Енди Палмер, „луксузните електрични автомобили претставуваат значаен дел од нашата идна производствена програма“. Палмер не го гледа Tesla како конкурент: „Тие играат во друга лига.“ Додека најскапиот модел на Tesla чини околу 100.000 евра, електричниот Aston Martin ќе чини најмалку двојно повеќе. Толку чини Rapide S со конвенционален погон. Кај Aston Martin постои правило: Тој што прашува за цената, не може да си дозволи автомобил од оваа марка.

Електричната лимузина ќе располага со моќност од 800 КС и ќе достигнува досег од 320 километри. Слични вредности се најавуваат и за спортскиот теренец со електричен погон кој е следен во плановите на британската марка. Но, со темпото со коешто напредува електричниот погон, нема да изненади ако сериските модели располагаат со уште поимпресивни бројки, особено во поглед на досегот.

Aston Martin очекува дека соработката со кинеските компании ќе му донесе и подобра продажба на големиот пазар. Кина се залага за масовно користење на електричниот погон со цел да се надмине опасно високата загаденост на воздухот во градовите. Енди Палмер: „Тие што планираат и натаму да продаваат модели со дванаесетцилиндарски мотори, мора да преземаат чекори и на спротивниот крај.“ Тоа може да значи дека филмскиот агент Џејмс Бонд во блиска иднина ќе ги гони најголемите светски злобници со електричен автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Педесетгодишнина на култната Skoda што го привлече вниманието на Западот

Новиот A4 му носи зголемена продажба на Audi