Ценовникот на новиот Renault Megane почнува од 16.290 евра

Увозникот Аутомотив Груп почнува со продажба на новата генерација на Renault Megane. Во понуда се четири бензински и три дизел мотори во дијапазон од 100 до 205 КС, основниот модел ќе биде достапен подоцна.

Новиот Megane е веќе во продажниот салон на Renault во Македонија и има причини да го поттикне интересот на купувачите и љубителите на марката со свежиот дизајн, иновативната техника и богатата моделска понуда. Француската марка го нуди својот компакт со избор од четири бензински и три дизел мотори, сите со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, со исклучок на основниот модел кој вози со 1,6-литарски атмосферски бензинец со 115 КС и ја стартува понудата во гамата на Megane со цената од 16.290 евра.

renault megane ag (1)По него следат 1,2-литарскиот бензинец со 100 КС во TCe 100, потоа верзија на овој мотор со 130 КС во TCe 130 и топ-бензинецот TCe 205 со 1,6-литарски турбо-бензинец со 205 КС, кој стандардно се испорачува со седумстепен менувач со двојна спојка. Овој менувач EDC е достапен и за верзијата TCe 130. Понудата од дизел мотори ја сочинуваат 1,5-литарскиот dCi во верзија со 90 и 110 КС и 1,6-литарскиот dCi со 130 КС. Кај дизелите единствено dCi 110 може да се комбинира со менувачот EDC.

Основното ниво на опрема Life е достапно за верзиите SCe 115, TCe 100 и dCi 90 и доаѓа со клима уред, темпомат, диодни дневни светла и диодни трепкачи во ретровизорите, електрика на предни прозорци, електрика и греење на ретровизори, централна брава и радио со блутут и УСБ. Следното ниво е Zen, достапно за SCe 115, TCe 100, dCi 90 и dCi 110, кое дополнително вклучува магленки, потпирач за рака напред, електрика и на задните прозорци и кожа на воланот. Потоа следуваат уште четири нивоа на опрема, со GT како врвно ниво, во коешто се вклучени систем за следење лента, управување и на задната оска, спортско подвозје, спортски седишта, картичка за пристап и стартување, диодни предни светла, хромирани детали на каросеријата, бандажи од 18 инчи, спортски педали, навигациски систем со пристап на интернет R-Link и дисплеј од 8,7 инчи. Топ моделот Megane GT 205 EDC го заокружува ценовникот со 31.790 евра.

Претходна објаваSeat забележа профит за првпат по 2008 година
Следна објаваПолициски Mercedes-AMG GLE 63 S ќе става ред по австралиските патишта

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here