за

Хибридите со најголема разлика меѓу фабричката и реалната потрошувачка

Купувачите на хибридни автомобили очекуваат ниска потрошувачка на гориво. Но, токму кај овој вид на погон се покажа најголема разлика меѓу фабричката и реалната потрошувачка

Податоците за потрошувачка на гориво во техничките податоци на возилата немаат врска со реалноста. Но, разликата меѓу вредноста на хартија и на бензинска пумпа не е иста кај сите видови на погони. Тоа го покажа истражувањето што германскиот клуб ADAC го спроведе меѓу 345 актуелни модели.

Најмали отстапувања меѓу теоријата и праксата има кај автомобилите што користат метан, односно компримиран земјен гас како погонско гориво. На тестовите во секојдневни услови на клубот ADAC овие возила во просек трошат само девет проценти повеќе од фабричката декларација. Кај Volkswagen Caddy Ecofuel се забележа дури и за 4 проценти пониска потрошувачка од фабричката. Од друга страна, реалната потрошувачка на Fiat Panda Twinair CNG е за 27 проценти над декларираната вредност. Генерално добрите резултати, според експертите на клубот, произлегуваат од подобрувањата на преоѓањето од погон на бензин на погон на гас, како и од примената на материјали што имаат особено висока отпорност на жештина. Последниве овозможуваат умерена жед и при високи оптоварувања на моторот.

Само малку се послаби резултатите на конвенционалните бензинци, со просечно отстапување од десет проценти. Особено кај поголемите мотори се докажуваат техничките иновации од последните години. Chevrolet Camaro Cabrio со мотор V8 во реални услови на возење троши 17 проценти помалку гориво од наведеното. Поштедливи од декларациите на производителите се и Audi R8 Spyder V10 и Nissan 370Z. На спротивниот крај е Fiat Punto Twinair со 34 проценти повисока потрошувачка од фабричката. Генерално, помалите бензинци во реалноста често пати покажуваат поголема жед отколку што наведуваат производителите, што првенствено произлегува од фактот што поради нивната пониска моќност, тие често пати мора да работат под повисоко оптоварување.

На слично ниво со бензинците и автомобилите со погон на метан се и возилата со третиот погонски концепт на база на ото-моторот: Автогасот. Нивниот реален просек е 11 проценти над фабричките вредности, со најмало отстапување кај Opel Astra 1.4 LPG од 1 процент и најголемо кај Kia Picanto LPG од 28 проценти.

Дизелите имаат најголема разлика меѓу реалната и практичната потрошувачка кај конвенционалните погонски решенија. Клубот доби просечна вредност на отстапување на возилата со дизел мотор од 14 проценти од фабричката вредност. Рекордер е Jeep Cherokee V6 Diesel со разлика од дури 55 проценти. Дека може и поинаку докажува Skoda Yeti 2.0 TDI 4×4, којашто реално троши дури и еден процент помалку од вредноста во техничките податоци. Причината што дизелот со реноме на штедлив мотор, во реалноста троши многу повеќе од теориските вредности е во фактот што тој има релативно голема жед при високо оптоварување, на пример при возење на автопат.

При лабораториските тестирања во идентични услови се покажа дека најголемо отстапување постои кај хибридните автомобили. Дури 25 проценти изнесува просечното отстапување од реалните вредности. Билансот најмногу го уништуваат моделите со можност за надворешно полнење на батериите и нормирана потрошувачка со вредност од околу еден литар гориво. Откако батериите ќе се испразнат по околу 50 километри, погонот се префрлува на конвенционалниот мотор. Кај хибридниот Volvo V60 се покажа отстапување од дури 84 проценти. Но, како и секогаш, постојат исклучоци. Kia Optima Hybrid троши само 0,4 проценти повеќе гориво од вредноста што ја има наведено фабриката.

 

 

 

Погон Најдобрите Најлошите
Модел Отстапување Модел Отстапување
Бензин Chevrolet Camaro Cabrio -17 % Fiat Punto 0.9 8V Twinair 34 %
Audi R8 Spyder V10 S tronic -7 % Volvo V70 T5 Geartronic 33 %
Nissan 370Z Roadster Automatik -6 % Mercedes E 250 Coupe Aut. 27 %
Дизел Skoda Yeti 2.0 TDI 4×4 DSG 125 kW -1 % Jeep GrandCherokee V6 Diesel 55 %
Mercedes Viano 2.2 CDI kompakt -0,6 % Volvo V40 D2 42 %
Citroen C4 Picasso HDI 150 -0,2 % Renault Twingo dCi 85 36 %
Хибрид KIA Optima Hybrid Automatik 0,4 % Volvo V60 D6 Hybrid AWD 84 %
Honda Insight 1.3 Hybrid CVT 10 % Toyota Prius 1.8 Plug-In Hybrid 73 %
Audi A6 2.0 TFSI hybrid 12 % Lexus IS 300h Sport Automatik 36 %
Автогас

(LPG)

Opel Astra 1.4 LPG ecoFlex 1 % KIA Picanto 1.0 LPG 28 %
Skoda Octavia Combi 1.6 LPG 2 % Opel Adam 1.4 LPG ecoFlex 17 %
Opel Corsa 1.2 LPG ecoFlex 9 %    
Метан

(CNG)

VW Caddy 2.0 EcoFuel -4 % Fiat Panda Twinair CNG 27 %
Mercedes B 200 NGT 1 % Opel Combo 1,4 CNG Turbo 19 %
VW Golf 1.4 TGI BlueMotion 3 % Audi A3 Sportback g-tron 11 %

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot повторно бележи пораст во продажбата

Кинески студенти го пробија кодот на Tesla Model S