По разоткривањето на практиката на лажирање на емисијата на штетни материи кај дизел моторите во целата бранша, Франција планира конечно да им стави крај на возилата со дизел мотор.
Франција планира да ги укине даночните повластувања за дизел горивата и да го прекине посебниот статус што тие го уживаа долги години откако почна да се разоткрива дека повеќето производители практикуваат специјални трикови за лажно прикажување на штетните емисии во границите на дозволеното.
„Денес е очигледно дека постои неусогласеност меѓу предностите што му се даваат на дизелот и неговото влијание врз загадувањето,“ изјави франускиот министер за екологија Сеголен Ројал. Почнувајќи со буџетот за следната година, даноците за дизел горивата во следните пет до седум години постојано ќе се зголемуваат, наспроти цените на бензините кои што ќе се намалуваат, заради надоместување на разликата во цената.
Литар дизел во Франција моментно чини 1,12 евра, додека литар премиум бензин чини 1,36 евра
Даночните повластувања во Франција изнесуваат 15 еуроценти за литар дизел. Со намалувањето на овие повластувања, интересот за дизелот ќе почне поинтензивно да се намалува. Во моментов, четири од петте најголеми автомобилски пазари во Европа применуваат намалени даноци за дизел горивата. Овие повластувања придонесоа дизелот да стане доминантно гориво во автомобилите во Западна Европа. Но, влијанието врз здравјето и животната средина веќе започнаа да ја еродираат популарноста на дизелот, уште пред случајот со Volkswagen да ја открие практиката на лажирање на еколошката подносливост на возилата на ниво на целата автомобилска бранша.
Според последните статистики, дури 68 проценти од автомобилите на француските патишта користат дизел гориво. Нивниот удел веќе почна да се намалува, особено во големите метрополи, како Париз, каде што дизелот јавно се критикува заради загадувањето на животната средина. Пазарните аналитичари предвидуваат дека уделот на дизелите во возниот парк на Европа од актуелните 53 проценти ќе се намали на 35 проценти до 2022 година.
















