Фејслифт на BMW серија 1: Последната „единица“ со заден погон

Актуелната генерација на серијата 1 е последна што користи заден погон, пред наследникот да се појави со „обичен“ погон. Како подготовка за збогувањето, „единицата“ се појавува во најубавото издание досега.

Најмалечката серија на BMW е далеку од најмалку значајна за Баварците. Во последните десет години и во две генерации, BMW продаде близу два милиона примероци од серијата 1. Заслужено, „единицата“ сега добива темелно освежување во сите подрачја, што досега беше реткост кај сино белата- марка.

Серијата 1 се појавува со поголеми и повпечатливи „бубрези“, поголеми отвори за воздух, со сериски дневни светла со диодна техника, и секако, со нова форма на светлата. Со доплата, за првпат во серијата се достапни и светла со диодна техника за сите функции на осветлување. Радикални промени има и во изгледот на задните светла, со карактеристичната графика во форма на L, како и со диодна техника.

bmw serija 1 fl 1075175269087Промените во внатрешноста се забележуваат особено во горната половина од средишната конзола, со нови контроли за радиото и климатизацијата. Автоматската клима отсега е стандард, исто како и сензор за дожд, радио BMW Professional, систем за ракување iDrive – вклучувајќи дисплеј од 6,5 инчи на врвот на средишната конзола. Освен стандардната, на располагање се и варијантите Sport Line, Urban Line и M Sport, со индивидуален дизајн во изведувањето на стилот во кабината.

Најголемите новитети, вообичаено за BMW, се наоѓаат под хаубата. Тука за првпат работат трицилиндарци од 1,5 литар. Најштедлив е моделот BMW 116d EfficientDynamics Edition со 116 КС и просечна потрошувачка од 3,4 литри. Покрај мануелниот менувач, како опција се нуди 8-степениот Steptronic, единствен во класата (стандард кај 125d, 120d xDrive и M135i xDrive). Контролата на работата на автоматскиот менувач ги зема во предвид дури и податоците што ги добива од системот за навигација.

Трицилиндарецот во 116i извлекува 109 КС, вртежен момент од 180 Nm и забрзува до сто за 10,9 секунди. Просечната потрошувачка на овој турбобензинец, што веќе се вградува во Mini, изнесува 5,0 литри на сто километри. Исто како „стандардните“ мотори на BMW, новиот 1,5-литарец користи директно впрскување и варијабилно управување со одот и времето на отворање на вентилите Valvetronic, како и со варијабилна работа на обете брегасти вратила. По него следат 118i со 1,6-литарски турбо и 136 КС, 120i со верзија со 177 КС на 1,6-литарецот и 125i со дволитарски турбо со 218 КС.

Топ-модел е BMW M135i со линиски шестцилиндарец со моќност зголемена за седум КС, на 326 КС. Пакетот M Performance што е стандард во овој модел може да се добие како опција и кај моделите 120d и BMW 118d со погон на сите тркала xDrive. Спринтот до сто на M135i во верзија со погон xDrive сега трае само 4,7 секунди.

Со три цилиндри отсега вози и основниот дизел во 116d, исто така со унифицираната зафатнина на цилиндар од 0,5 литар, со 116 КС. Дволитарскиот дизел работи во 118d со 150 КС, во 120d со 190 КС и во 125d со 224 КС. Крајната брзина на топ-дизелот со импресивни 450 њутнметри, изнесува 240 km/h, а забрзувањето до сто трае 6,3 секунди.

bmw serija 1 fl 1075175969087Исто како и досега, купувачите можат да доплатат за изведба со приспособлива амортизација, со спортско подвозје од M Performance, варијабилно спортско управување и спортски сопирачки со печат на M GmbH. Новитет е тоа што секое тркало сега поседува посебен сензор за контрола на притисокот.

Изборот на системи за асистенција е збогатен со радарски темпомат којшто самостојно поаѓа и запира при возење во застој. Системот за автоматско паркирање сега умее да го паркира возилото и паралелно, меѓу две или покрај само едно возило, вклучувајќи и попречно паркирање.

Сите моделски изведби во серијата 1 осега се опремени со картичка SIM што е вградена во возилото. Таа овозможува користење на стандардно вградените функции на автоматски повик при незгода и телематските услуги на BMW, како и пристап до опционалните услуги преку интернет.

Основната верзија 116i во германскиот ценовник стартува од 22.950 евра за изведбата со три врати, односно 23.700 евра за пет врати, додека понудата на дизели почнува со 116d за 26.200 евра (3 врати), односно 26.950 евра (5 врати). Испораката стартува веќе напролет, увозник за Македонија уште отсуствува.

Претходна објаваGoogle го прикажа вториот прототип на Project Ara
Следна објаваКолбасот со кари на Volkswagen ги претрка автомобилите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here