за

Уште една недела до изборот на најдобриот британски автомобил во историјата

Десет легендарни модели влегоа во финалната фаза од изборот на најдобриот британски автомобил во историјата. Победникот ќе биде познат на 30-ти октомври, на огромно шоу на олдтајмери во Лондон.

Би можеле да издвоите барем десетина модели што потекнуваат од Велика Британија и ви оставиле особен впечаток? Премногу се, зар не? Од Mini до Rolls-Royce, преку Range Rover и Jaguar E-Type, островската земја има произведено голем број исклучителни автомобили што историјата ќе ги помни долго. Десет модели се пласираа во финалето на изборот на најдобриот британски автомобил во историјата, во организација на најтиражниот магазин за олдтајмери Classic & Sports Car.

На манифестацијата што ќе се одржува во Александра Палас во Лондон од 30-ти октомври до 1-ви ноември, ќе биде познат победникот по глобалното гласање што го организираше магазинот. Пред околу половина година, Classic & Sports Car побара од жири од преку 100 автомобилски експерти, меѓу кои Гордон Мареј – дизајнер на McLaren F1, Ник Мејсон – поранешен тапанар на Пинк Флојд и Расел Кар – главен дизајнер на Lotus, да ги изберат 10-те најдобри британски модели.

Од најевтиниот до најбесценетиот, од Austin Seven до McLaren F1

Изборот покрива широк дијапазон, почнувајќи од евтиниот автомобил што ја моторизираше нацијата Austin Seven, до McLaren F1 како најдобар бескомпромисен спортски автомобил произведен во историјата. На списокот се уште првата генерација на Range Rover, Lotus Seven, Jaguar XKSS, Rolls-Royce Silver Ghost, Ford GT40, Mini Cooper, Bentley Speed Six и Jaguar E-type. Светската публика гласаше за својот фаворит. Џејмс Елиот, уредник на Classic & Sports Car, коментира: „Секој автомобил меѓу десетте најдобри е икона и заслужува победа, но може да има само еден победник.“

На манифестацијата под наслов „Класик & Спортс Кар – Лондон Шоу“ ќе бидат прикажани преку 300 врвни олдтајмери од цел свет, од познати колекционери и најреномирани трговци со олдтајмери.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пожарите во ванот Zafira го ставаат и Opel во немилост

Теренецот на Maserati уловен на тестирање