за

Трка на премиум марките: Кој ќе биде број 1 до крајот на годинава?

Audi, BMW и Mercedes продолжуваат со жестоката трка за преземање на лидерството во премиум сегментот. Моментно Mercedes бележи најголем пораст, но конкурентите сепак продаваат повеќе.

Марката BMW со години го држи првото место во светот според продажбата на возила во премиум сегментот. Audi и Mercedes, како главни претенденти за преземање на лидерството од Баварците, успешно ги спроведуваат своите стратегии и бележат постојан пораст во продажбата. Но, дали тој ќе биде доволен за BMW да се победи до крајот на годинава? Според јунските бројки, продажбата на Mercedes забележала најголем пораст, со плус 19,3 проценти, односно 169.616 продадени возила во јуни. Во првите шест месеци, Mercedes продал вкупно 898.425 возила и тоа претставува зголемување од 14,7 проценти во споредба со првото полугодие од лани. Никоја друга марка ниту приближно не достигнува толкаво темпо на пораст.

Пласман по првите шест месеци: BMW, Audi, Mercedes. Но, марката со ѕвездата расте најбрзо

Наспроти тоа, Баварците во јуни продале 172.437 возила или за 5 проценти повеќе отколку во ланскиот јуни. На полугодишно ниво, продажбата изнесува 932.000 возила (+5,1%). Тоа и натаму ја обезбедува првата позиција за BMW. Марката со четирите прстени последна ги објави бројките за јуни, но тоа не значи и дека е последна во тројката. Audi во првите шест месеци од 2015 година продал 902.400 возила (+3,8%), а само во јуни се продадени 157.450 возила од марката или само 1,3 процент повеќе од ланскиот јули. Доколку марката од Инголштат не постигне поголем пораст во следните месеци, може лесно да го изгуби сегашното второ место од Mercedes, а со тоа и да ја пропушти трката за лидерската позиција. Но, разликата е тесна, неизвесноста продолжува.

Трката ќе добие уште пожестоко темпо во второто полугодие, особено во последниот квартал, кој веројатно ќе биде и решавачки. Audi ги има новите A4 и Q7, во BMW се подготвува за старт новата серија 7, додека Mercedes ќе го има новиот GLC во средината на септември, вклучувајќи и неколку моделски освежувања, како класата А, GLE и новото купе од класата С.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Sienta во оригинален јапонски стил

Audi RS 4 Avant: Последна шанса за суперкомбито со мотор V8