за

Топ 10: Вакви возачи нервираат најмногу

Возењето би изгледало многу поубаво кога сите би се однесувале пристојно. Следува набројување на ситуациите што предизвикуваат најмногу нервоза во сообраќајот.

1. Возење во врат

Најлошото што може да се доживее по нашите улици, уште повеќе што е и опасно. На овие возачи треба да им се одземе дозволата и возилото да им се дигне во воздух.

2. Заглавување сред крстосница во метеж

Некои возачи сметаат дека зеленото светло им дава право да се залепат за заглавената колона напред и со тоа да го блокираат сообраќајот кога ќе се пушти семафорот за возилата од попречниот правец. Зошто полицијата не го казнува ова однесување е сé уште неразјаснето.

3. Свиркање одзади кога ќе се пушти зелено светло

Кој ја донесе оваа нова навика на нашите улици не ни направил добро. Да беше потребно свиркање, тогаш самите семафори ќе имаа и звучен ефект.

4. Непропуштање на другите возила

Тој што не ги пропушта другите при вклучување од споредна уличка или при менување лента не покажува ништо друго освен шанса да компензира за неговото несреќно секојдневие. Тоа само ги прави уште повеќе комплексирани.

5. Одржување лекција

Тој што на улица им одржува лекција на другите возачи кога ќе погрешат во возењето веројатно молчи дома.

6. Легнување на свирка

Сосема е во ред да се свирне еднаш кога возилото напред чека подолго за вклучување или исклучување од патот. Но, тој што притоа легнува на свирка веројатно е премногу возбуден за сообраќај и подобро е да си отиде дома – и таму да остане.

7. Третата лента е за престигнување?

Некои возачи и натаму не се информирани дека третата лента во град не е наменета за престигнување и не е брза лента. Тој што ја користи левата лента веројатно ќе сврти на следната крстосница, или ако вози побавно тогаш сигурно има колона возила пред него. Меѓу другото, брзината е ограничена и во град.

8. Паркирање на две места

Кој покажува толкава негрижа не треба да се грижи ниту кога некој ќе помине со клуч преку лакот на неговиот автомобил.

9. Тесно паркирање да не може врата да се отвори

Неретко се случува некој да паркира толку блиску што не може да се отвори врата и да се влезе во сопственото возило. Очекуваната реакција во тој случај е иста како под точка 8.

10. Нетрпение кон возилата од друг град или странство

Тој што се однесува толку недомаќински, кусогледо и дрско само покажува дека никогаш во животот нема возено во странство.

 

Кои други ситуации Ве вознемируваат најмногу?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Турбо мотори од BMW ќе му даваат сила на новиот Mini

Qoros 3: Кинеската лимузина чини 21.000 евра