за

Тест • Toyota RAV4 2.2 D-4D Executive

Како би изгледало кога постојано би ги носеле со себе сите работи што можеби би ни притребале во текот на денот? Измачување. Исто е кај спортските теренци. Toyota се ослободи од непотребното и сака да го понуди вистинскиот теренец за секој ден.

Сите автомобили еден ден ќе бидат спортски теренци, некои поголеми, некои помали, но сите верни на идејата што Toyota за прв пат му ја донесе на светот на четири тркала во 1994 година со првиот RAV4. Така барем се движат работите. Овој автомобил, на кого заради некоја неправда заснована на гордоста на европската и американската авто индустрија ретко му се признава култниот статус, пред речиси две децении го спои тоа што дотогаш беше неспоиво: Високо седење, приспособливост на терен и функционалност на теренско возило, со возливост и штедливост на компактен автомобил – и цена блиску до него.

Оттогаш се произведоа 4,5 милиони примероци од најмалечкиот теренец на Toyota, од кои 1,2 милион се регистрираа на Стариот Континент. Колку рано Јапонците го исфрлија трендот и колку доцна конкурентите го признаа истиот, сведочи фактот: Уште во 2010 година, во сегментот на компактните теренци имаше само 10 модели, денес се двојно повеќе. Соодветно расте и продажбата. Во временската рамка од 2008 до 2012 година, дури 18 проценти повеќе купувачи се решиле за компактен спортски теренец.

Изгледот на теренец повеќе не пали, сега се ценат внатрешните вредности

Прашањето е зошто постојано расте популарноста на спортските теренци? Одговорот е уште поедноставен: Затоа што тие сé помалку се теренци. Ретко некој остана убеден во лажната декларација на робусност и теренска пробивност, која што донеодамна ја нудеа овие возила со мошне впечатливата, а апсолутно неефикасна заштита на подвозјето, или со резервното тркало закачено одзади и бандажите со дизајн што остава впечаток како неговите краци да ќе се вкопаат во карпите. Или накусо: Се заморивме од верувањето во лагата, сепак никој не ги користи овие возила на теренот.

Изгледот на теренско возило повеќе не пали, сега се ценат внатрешните вредности. А, таму каде што новиот RAV4 е највреден, сепак е погонот на сите тркала. Поточно, динамиката што ја обезбедува неговата нова конфигурација. При секое завртување на воланот, до 10 проценти од актуелниот вртежен момент автоматски се пренесуваат на задната оска, со цел да се подобри тракцијата, односно погонот на сите тркала да се искористи во насока на зголемување на динамиката.

Трикот со интелигентната распеделба на вртежниот момент функционира

Сите се имаме изначуено за вакви изуми што повеќе ветуваат отколку што исполнуваат. Јапонците, сепак, се многу далеку од тоа да ја негуваат лагата како одлика на националниот идентитет, а и Toyota не би си дозволила да игра на погрешна карта во сегментот на возила што ѝ припаѓа на марката. Трикот со интелигентната распеделба на вртежниот момент функционира! При секое похрабро влегување во свијок се чувствува како погонската спрега се потстегнува, односно се активира задната оска, и тоа, точно пред моментот кога се очекува да се активира контролата на стабилноста.

Колку е поголема брзината и колку е поблиску излегувањето од граничното подрачје, толку повеќе вртежен момент се распределува назад. По потреба, а тоа значи кога веќе почнува подуправувањето, предната и задната оска добиваат еднаква порција од моќноста на моторот. Може да се каже, новиот RAV4 е GT86 меѓу компактните теренци. Очигледно е дека станува збор за совршено оптимирана динамика за овој вид на возило и дека многуте километри на тест патеките вродиле плод.

Кај претходникот се јавуваше мало доцнење во вклучувањето на задната оска, затоа што претходно мораше да се појави пролизгување на предната оска, па соодветно да реагира помошта одзади. Сега се користи нова стратешка распределба, со електромагнетска спојка, односно оската се активира кога сензорите на контролата на стабилност ќе насетат подуправување, па соодветно на тоа е побрза и реакцијата. Дополнително на возачот му стои на располагање спортска програма, преку копче во средишната конзола, при што задната оска постојано добива вртежен момент, а во исто време се намалува сервоподдршката на управувањето и се заострува реакцијата на педалот за гас.

[toggle title=”Модификациите во подвозјето на новиот RAV4″ state=”close” ]Водењето на тркалата е преземено од претходникот, со мекферсон напред и лесна задна оска со двојна попречна водилка и една надолжна водилка. Држачите на предниот стабилизатор се скрутени, а тоа резултира во помеко чувство на воланот во свијоци. Амортизери со намалено внатрешно триење и носачи на стабилизаторот обложени со флуор заради помало триење ја подобруваат реакцијата на подвозјето. Назад има стабилизатори со зголемен пречник со цел да се оптимизира распределбата на крутоста на странично навалување меѓу предната и задната оска, а во исто време амортизерите и носачите на стабилизаторите се преработени аналогно на компонентите на предната оска. [/toggle]

Досега не ја имаме видено Toyota во ваква форма

Сега веќе може да се зборува околу изгледот на каросеријата. Ништо повеќе не го спојува новиот RAV4 со претходникот, со исклучок само на триаглестиот заден прозорец. Сите други форми на изразување на визуелниот идентитет се во согласност со „лутиот изглед“ на Toyota, кој беше промовиран преку компактот Auris. Кулминација е опашот во истиот стил, со рамно пресечена и за педа извлечена долна половина. Кога тоа ќе се комбинира со бисерен лак, спортски браници и прагови во контраст, како кај тест возилото, RAV4 ги привлекува погледите како ниту една генерација претходно. Отфрлувањето на непотребното тука значеше ослободување од лажните елементи на теренско возило и ориентација кон кросовер, односно комби со децентно изразени елементи на теренец.

Уште повчепатливи се стилските промени во внатрешноста. Арматурната табла има јасна хоризонтална ориентација, со надолжен гребен што од нивото Executive е обложено со вештачка кожа и со доминантен дисплеј во средина. Тука се јавува еден проблем. Можеби токму едноставноста со ракувањето преку дисплејот на допир ги повела ергономите да побараат тој да биде поблиску до возачот, но од друга страна на тој начин мора да се тргне погледот од патот при секоја потреба од информација од дисплејот.

Во едноставното ракување и практичноста, RAV4 ги покажува гените на Toyota

Околу изгледот на инструментите исто така можело да се ангажира повеќе стил. Читливоста е единствена премиса тука, но возачот пропушта да ја доживее динамиката на возилото во ова поле што најчесто го гледа во кокпитот при возењето. Напорите за практицирање на интелигенцијата се евидентни во делот од средишната конзола пред рачката на менувачот, каде што има повеќе прегради за сместување, па дури и лежиште со димензии за iPhone, но потоа погледот мора повторно да се разочара кога ќе ги забележи прекинувачите и елементите што без љубов се поставени во делот од конзолата над преградите.

Затоа, пак, во поглед на квалитетот на изработката, Toyota ги поставува реперите, и тоа не само со материјалите што се во видното поле или директно на дофат, туку многу повеќе со изедначеноста на нивниот квалитет во секое подрачје од возилото. Пофалби и за типичната практичност, која што е нераздвоен дел од марката и моделот. Повлекувањето на задниот капак на пример – меѓу другото, RAV4 сега има класичен капак, место врата за багажникот, која што секогаш се отвораше на погрешната страна. Големиот капак кај повеќето теренци бара солидна примена на сила и тоа е само непотребно напрегање. Кај Toyota, кинематиката е решена така што лесно повлекување на капакот е доволно за тој да се затвори.

Простор од еден метар за комоција на задната клупа како во луксузна класа

Од десетте дополителни сантиметри во растојанието меѓу оските профитираше просторноста на задната клупа, со која што Toyota повторно поставува репер во класата, но и соборувањето на задната клупа. Таа паѓа во еден потег, дури и без потреба од спуштање на потпирачите за глава, по што се добива под рамен како маса за билијард. Товарниот раб од 64,5 сантиметри е најнизок во сегментот и споредлив дури и со некои комби модели од средната класа.

Дизелот од 2,2 литри е далеку од средината во конкуренцијата кога станува збор за култивираноста во работата и за лесното повлекување од најниски вртежи, без каква било појава на инертност од турбонатполнењето. Со 150 КС и 340 њутнметри, моторот остава на хартија поскромен впечаток од фактичкото доживување на моќноста, и нуди динамика што на возачот му посредува чувство како да вози помал автомобил. Единствената забелешка за моторот важи за звукот на напрегање кој се јавува при посилно забрзување, но затоа во сите други ситуации во возењето тој ретко го открива принципот на работа и останува впечатливо тивок и скромен со побарувањата за гориво.

Типично: Ограничени комбинации од мотори, опрема и погон

Моделската понуда исто така е скромна, особено во споредба со европската конкуренција. Дизелот со 150 КС не може да се добие со основното ниво на опрема Comfort, ниту пак со погон само на предните тркала. Кој сака да заштеди во набавката и во потрошувачката ќе мора да се задоволи со помалиот мотор од два литри, со 124 КС и со погон напред. Во тој случај, ќе отсуствуваат автоматската клима од нивото Executive, исто како и мекиот тапацир од синтетичка кожа по должината на арматурната табла или камерата за паркирање. Разликата меѓу тестираниот модел Executive и првиот споредлив модел со пониска цена и опрема, RAV4 2.0 D-4D Comfort 2WD, изнесува дури 7.000 евра. Тоа е голема ценовна дупка.

Во отсуство на можност за одделна нарачка на ставки од опремата, како магленки, автоматика за климата или ксенонски светла, мора да се посегнува по повисоките и значително поскапи нивоа на опрема. Среќна околност е тоа што дел од нив може да се вгради како прибор во сервисите на Toyota. Од друга страна, кој повеќе ја гледа поголемата противвредност во повисоките нивоа на опрема, отколку големата разлика во цената, полесно ќе ја преболи доплатата. Тоа не претставуваше проблем ниту досега. Повеќето примероци од RAV4 возат во поскапите верзии, со повисокото ниво на опрема и посилните мотори.

[nggallery id=81]

[tabs type=”horizontal”][tabs_head][tab_title]Сериска опрема во Executive[/tab_title][/tabs_head][tab]Контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, контрола на притисок во гуми, 9 воздушни перници, централна брава со далечинска команда, продолжена работа на светлата, дневни светла со светлечки диоди, електрика и греење на ретровизори, автоматски двозонски клима уред, електрика на сите прозорци (автоматика само кај возачот), кожен волан со команди за радио, мрежа во багажник, потпирач за рака со преграда напред, потпирач за рака назад, радио со екран на допир, USB, блутут, гласовна команда, камера за рикверц, патен компјутер, спортска програма, алу-бандажи од 17 инчи, автоматика на бришачи, магленки, собирање на ретровизори, темпомат, кожа на рачката на менувачот[/tab][/tabs]

Технички податоци Toyota RAV4 2.2 D-4D Executive
Мотор 4 цилиндри, 16 вентили, дизел
Работна зафатнина 2231 cm3
Моќност 150 КС при 3600/min
Вртежен момент 340 Nm при 2000/min
Погон и пренос  
Менувач 6 степени, мануелен, приспособлив погон на сите тркала
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон
Водење на тркалата назад Оска со повеќе водилки
Управување Електро серво, запчеста летва
Гуми
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 4570 х 1845 х 1660 mm
Меѓуоскино растојание 2660 mm
Багажник 547/1746 литри (+30)
Тежини  
Празно возило 1535 kg
Носивост
Резервоар 60 литри
Перформанси  
Крајна брзина 190 km/h
0-100 km/h 9,6 s
Потрошувачка град/пат/просек 6,9/5,0/5,7 L/100 km
Цена 33.990 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јапонските олдтајмери добиваат на цена

Brabus го тера големиот Mercedes до 325 km/h