Клубот АДАК изврши тестирање на малите и лесни уреди што помагаат кога акумулаторот ќе изгуби сила да го стартува моторот. За нив важи истото како за акумулаторите: Кога ќе застуди, опаѓа и нивната моќ.
Тие се лесни, малечки, но способни се да испорачаат моќ за стартување на моторот кога акумулаторот е преслаб за тоа. Тестирањето на клубот АДАК докажа дека овие таканаречени бустери за стартување со литиумска техника навистина помагаат, но при изборот треба да се внимава, затоа што кај поевтините изведби отсуствува заштита од краток спој и постои опасност за корисникот при неправилно ракување.

Дали новата генерација на бустери со литиумска техника е замена за стариот начин на стартување на моторот преку кабли од друг автомобил? Производителите на овие уреди со големина колку три кутии цигари и ниска тежина ветуваат голема моќ за стартување и лесно ракување. Но, како и обично, не е сé толку убаво и едноставно, како што се наведува во рекламите. Најголемиот недостаток е во тоа што литиумските батерии не ја испорачуваат ветената енергија при смрзнувачки температури.
На тестирањето на уредите при летни и есенски температури, тие успеваа да ја извршат замислената функција. Но, на температура под нулата, бустерите не ја испорачуваат струјата што ја ветуваат производителите. Ниту еден од нив не ги исполни ветувањата на производителот при температура од 18 степени под нулата. Според тоа, студот не ги убива само акумулаторите во возилата, туку и литиумските бустери.
На тестирањето се најдоа седум уреди: Dino Starthilfe, Afendo 5in1, Pro User LI400A, Noco GB30, Xlayer Powerbank, APA Power Pack и Kunzer MPB90. Најскапиот меѓу нив чини дури 150 евра. Од сите нив, само производот од Afendo ја задржува декларираната номинална моќност при нула степени. Од друга страна, речиси сите бустери ја враќаат моќноста по мало загревање. Исклучок е Noco GB 30, кај кого и загревањето не помага за уредот да испорача доволно моќност. Сите бустери на тестирањето на АДАК во основа се корисни само како помош за стартување на помалите мотори и нецелосно испразнет или дефектен акумулатор. Повеќето безбедносни системи во современите автомобили, како АВЅ или ЕЅР, бараат функционално снабдување со струја и по стартувањето со надворешна помош и непосредно пред почнувањето со возење задолжително треба да се провери состојбата на акумулаторот и алтернаторот.

Во поглед на безбедноста при ракувањето, кај некои бустери постојат големи пропусти. Производите од Xlayer, APA и Kunzer не поседуваат заштита од краток спој. Нивните куќишта буквално се стопија при создавање краток спој, со големо ослободување чад и топлина. Како што наведува клубот, добро е барем тоа што не се појавил пламен. Генерално, како најдобар избор на тестот се покажаа производите на Dino, Afendo и Pro User. Цената, сепак, останува превисока и прашање е колку таа ја оправдува поголемата сигурност во секојдневието при откажување на акумулаторот. Со натамошниот развој на батериската техника, може да се очекува и цените на стартер-бустерите со литиумска техника во видно време да почнат да опаѓаат.
Резултатите од тестот на АДАК на бустери за старт:
| Производител | Цена (во евра) | Струја за старт, според декларација (во ампери) | Оцена на АДАК | Ракување, квалитет, ознака, упатство | Функција | Безбедност |
| Dino Starthilfe 136.102 | 150 | 300 | + | + | о | ++ |
| Afendo 5 in 1 | 130 | 300 | + | о | + | + |
| Pro User LI400A | 150 | 200 | + | + | о | + |
| Noco GB30 | 140 | 200 | о | + | – | ++ |
| Xlayer Powerbank Off-Road | 75 | 200 | – | + | о | – |
| APA Power Pack 16528 | 100 | 200 | – | о | о | – |
| Kunzer MPB90 | 90 | 200 | – | + | – | – |
Легенда за оцените: ++ = Одлично, + = Многу добро, о = Добро, – = Доволно, – – = Недоволно
На ова треба да се внимава при изборот на бустер за старт:
- Уредот треба да поседува заштита од погрешно спојување на половите, краток спој, длабоко празнење и преполнување.
- Поради примената на отворено, бустерите треба да поседуваат и заштита од допир со вода.
- Бустерите за старт треба да поседуваат доволно моќ и при ниски температури.
- Упатството за ракување треба да е разбирливо и прегледно.
- Во упатството мора да се наведени безбедносни совети.
- Ознаката на производот мора да е наведена целосно и според прописите.
- Податоците за капацитетот мора да се наведени правилно.
















