за ,

Тест · Volkswagen Golf 2.0 TDI Highline

Седмата генерација на Golf е најголемата грешка во историјата на Volkswagen. Волфсбург нема никогаш да направи подобар Golf од овој!

Го имате и Вие впечатокот дека производителите постојано нé мамат? Сите мамат, без разлика дали се работи за телевизор, мобилен телефон, или дури автомобил! Откако ќе мине еуфоријата од купувањето, по неколку денови или во најдобар случај по неколку месеци, човек сфаќа дека повторно не го добил совршениот производ, оној што ќе посакате да Ве служи подолго време, издржлив и опремен со многу технологија.

Но, така функционира светот на марките и на маркетингот. Напредокот никогаш не се нуди во полната форма, туку само во дел, доволен за купувачите да се убедат дека добиле нов производ. Зошто е така? Затоа што производителите мора да продаваат, а купувачите да купуваат. Ако на пазарот се појави производ што ќе трае и служи дваесет години, и откако цел свет ќе се снабди со таков, што тогаш ќе работат производителите во следните дваесет години?

Вистина, постојат и такви производители што се чесни со понудата на своите производи. Bentley, на пример, марка токму на концернот Volkswagen, може да понуди автомобил што ќе трае и ќе биде вреден уште сто години. Но, тоа чини. Парче Bentley во најдобар случај се купува за околу 200.000 евра. Со таа цена, продавачот може долго да вежба трпение додека нов клиент му влезе во салонот.

Но, Golf обично чини околу 20.000 евра. По претходната аналогија, тој треба да биде десет пати помалку издржлив и десет пати помалку интересен од наједноставниот Bentley, за светот да продолжи да се врти во насоката која што ја одредуваат пазарот и производителите. Кажано поинаку, искусните возачи веќе долго знаат што можат да очекуваат кога некој производител ќе им сервира модел како нов.

Производителите повеќе не се пред купувачите, туку се случува обратното. Изненадувањето и одушевувањето се добиваат во апотекарски мери, а како резултат, култот на автомобилот изумира. Коли се купуваат заради замена, не заради убеденост. И тогаш се појави Golf, поточно Неговото Височество Golf Седми.

Првото чувство зад воланот? Непријатно, необично, неочекувано. Нешто не е како што треба да биде. Во Golf порано се седнуваше, се возеше, се паркираше, и постојано така. Во овој исто така прво се седнува, поинаку и не би можело, но до почнувањето со возење е потребно да мине извесно време. Чувството што го посредува кокпитот од страната на возачот досега не е доживеано во Golf, ниту пак во премиум моделите со негова големина. Оттука произлегува и првичната оцена. Неочекувано е модел од класата да покаже таква зрелост и благородност. Чувството во Golf е како да се седи во Passat, и тоа во некоја благородна изведба на моделот од средната класа.

Не мора да се гледа подалеку, доволен е воланот: Краците се обложени со цврста пластика, лакирана сјајно во црна боја, спојот на кожата долу на воланот повеќе личи како да е нацртан отколку изработен, во посебен прстен во средиштето е сместено логото, исто така на сјајна заднина, а копчињата на краците имаат јасно дефинирана точка на притисок и чисти одови.

Вкупно 18 функции се извршуваат преку овие копчиња. Концепот на ракување со овие копчиња е единствен и премногу е комплициран да се научи во όд, во возење – барем во почетокот. Потоа се осознава дека сé функционира како што вели разумот и махиналното ракување успева беспрекорно. А, тоа е само воланот.

Целиот кокпит е изведен различно од претходно. Полето за ракување со климата е различно, радијата се нови, распоредот во средишната конзола е нов. Притоа, различно значи подобрено. Мала сенка кај тест возилото од раната продукција: При притискање на краевите од лентата со прекинувачи во полето за климата избледуваат малите дисплеи со температурата, поради притисокот врз течните кристали. Тоа сигурно е коригирано досега.

Затоа, пак, Германците докажуваат дека се кралеви на технолошкиот дизајн, односно на оној дизајн што одушевува со изработката. Украсната рамка околу рачката на менувачот, на пример, во дел завлегува во капакот на преградата во долниот дел од конзолата. Да не беше автомобилот германски, тоа ќе беше толкувано како перверзија.

Со преоѓањето на електрична паркирна сопирачка се овозможи подобра искористеност на конзолата меѓу седиштата. Новосоздадениот простор е искористен за голема преграда, педантно затворена со ролетна. Лево од воланот е класичната преграда на Volkswagen – со двојно, ако не и тројно поголема зафатнина. Тоа што другите го прават со присила, Volkswagen си го дозволува со љубов. Место преграда од која што повеќе ќе се изгребеш, отколку што ќе ја искористиш, Golf нуди практичен и осмислен простор за одлагање. А, тоа е само преграда. И џебовите во вратите, кои се обложени со филц, исто така се сао џебови. Исто и прекинувачот на плафонот, за светилките над задната клупа да се контролираат од напред.

Вака, Golf воопшто и не треба да вози за да биде добар автомобил. Но, мора и тоа. Некогаш увозниците ни се служат со трикови за да убедат во возните квалитети на нивните возила за тест. Некогаш е подотпуштен притисокот во гумите, за некои да оценат дека амортизацијата работи меко, некогаш во возилото се вградени системи што ја качуваат динамиката во возење две три скалила, како директно управување или приспособлива амортизација. За последнава бевме убедени дека е вградена во тестираниот Golf.

Како инаку да се објасни тоа што Golf прескокнува дупки со лесен чекор на играорка, или пак, тоа што каросеријата како да се впива од асфалтот кога педалот за гас ќе се притисне до крај? Ако ова не е приспособливо подвозје, какво е тогаш тоа што Volkswagen го нуди како опција вредна 901 евра на списокот на дополнителна опрема? Затоа и не е претерување кога ќе се каже: Овој Golf може сé.

Истото важи и за моторот. Со нормална динамика на возење во градски услови, дволитарецот со 150 коњски сили ќе наплати помалку од шест литри гориво за секои сто километри. Притоа е зачудувачки кога возачот ќе се открие дека возилото го навело да се движи со одвај нешто повеќе од 1.200 вртежи. Големиот TDI во Golf умее и поголеми работи. На пример, да полета. Буквално тоа се чувствува кога стрелката на бројачот на вртежи ќе се залета кон четворката на скалата. Некои спортски бензинци не качуваат вртежи толку брзо и лесно како 2.0 TDI.

За лесната нога на Golf Седми има заслуга и слабеењето. Сто килограми, за толку е полесен новакот. Пониската тежина се чувствува на воланот и ги истакнува спортските таленти на компактот. Во поглед на избалансираноста на подвозјето и чувството на контрола над возилото, ретко постои друг модел во класата што е поуспешен од Golf.

Најголемиот успех? Секако, цената. Golf Седми чини исто колку претходникот, односно и помалку ако се земе во предвид побогататата опременост. Но, и тоа е релативно. Постојано се наоѓа по некоја нова ставка во опремата. Таква ставка е радарскиот темпомат со функција на самостојно запирање при опасност од судир, на пример, со доплата од 472 евра. Корисно, во секој случај. Кој смета дека и други ставки се корисни, подобро нека има во предвид дека со вклучување на сите понудени ставки на списокот на дополнителна опрема, ќе го поскапи Golf за 18.391 евра. За толку пари е покорисно да се купи уште еден Golf.

[box type=”shadow” ]Лозата на кралот на компактите продолжува достоинствено
Слоганот за новиот Golf: Клучот за перфекцијата – како придружна илустрација, клучот од Golf. Volkswagen нескромно се фали со новиот компакт. Веројатно конкурентите некогаш се наоѓаат навредени. Но, ако се наведуваат факти, не е фалење. Golf отиде многу понапред отколку што можевме да претпоставиме. Причината за тоа е новата платформа. Таа е приспособлива, растеглива, лесно размножлива, универзална. Таа платформа ќе ја користат повеќе возила и инвестицијата во нејзиниот развој побрзо ќе се врати. Едноставно. Процесот почна уште во времето на Фердинанд Пих. Колку конкурентите ќе можат да го надоместат заостатокот?[/box]

[box type=”success” ]Хармоничност на подвозјето
Впечаток на премиум модел од повисока класа
Штедлив мотор[/box]

[box type=”error” ]Дисплејот на климата реагира на притисок кај тест возилото[/box]

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Macan ќе чини 50 000 евра

Купување автомобил во лет