Големиот ван на марката од Волфсбург доживеа фејслифт по пет години од дебито, а тоа може никој да не го забележи. Промените се сокриени под каросеријата и треба да помогнат Sharan да биде подобар ван.
Sharan постои веќе 20 години. Со овој модел Volkswagen се вмеша во сегментот на големите ванови во 1995 година. Тоа се четири години пред Opel Zafira, но и единаесет години по Renault Espace. Додека во меѓувреме Французите го трансформираа својот ван во семеен кросовер со карактер на теренец, Volkswagen и натаму останува верен на оригиналниот концепт. Но, очигледно е дека во овој останува уште многу за работа, откако и BMW се пријави во конкуренција со својот Active Tourer.
Диодните светилки внесуваат умерени промени во опашот на Sharan
Volkswagen нема намера да внесува иновации во концептот на ван, туку и натаму нуди семеен автомобил, што освен во Европа треба да се продава и во Кина. Токму во големата азиска земја Volkswagen постигнува една третина од својата продажба со Sharan, каде што ванот се продава и како семеен автомобил, но и како „шоферска лимузина“. За успехот на моделот сведочи бројката од 800.000 продадени примероци на глобално ниво во последните две децении.
Промените во изгледот може да изгледаат банално. Предните светла имаат променета графика, назад има диодни светла, на тоа се придружуваат нови бандажи и две нови бои за каросеријата. Но, промените воопшто не се банални кога ќе се погледне на вистинското место, под каросеријата. Под хаубата работат два бензински и три дизел мотори, сите нови во Sharan, дотерани според Euro-6 и со групна потрошувачка намалена за 14,3 проценти. Исто како досега, најпопуларен мотор се очекува да биде дволитарскиот TDI, сега со 150 место 140 КС, којшто единствен во гамата може да се комбинира со погон на сите тркала. Границата на моќноста сега е поместена угоре, со верзијата на овој мотор со 185 КС. Според Волфсбург, послабиот TDI троши 5,2 литри дизел, додека посилниот бара само еден децилитар повеќе на секои сто километри.
Три посебни седишта во вториот ред. По желба се добиваат уште две седишта во багажникот
Купувачите што повеќе ги интересира да се катапултираат на летен одмор со возилото, отколку да заштедат гориво по пат, можат да го изберат дволитарскиот TSI со 220 КС и 7,8 секунди до сто. Турбобензинецот стандардно доаѓа во комбинација со шестстепен автоматик, вози со 225 km/h и во просек треба да потроши 7,1 литри бензин. Покрај овие мотори има уште еден дизел со 115 КС и бензинец со 110 КС, како основа на понудата. При тежина од 1,8 тон, оваа моќност сепак бара трпелив возач зад воланот.
Со багажник од 955 литри може да се заборави на сите проблеми околу транспортот
Интересна можност се добива при доплата за менувач со двојна спојка. Тој располага со „функција на едрење“, односно при секое одземање гас при одреден залет се гасне моторот и се штеди гориво додека двотонскиот ван продолжува да се движи под инерција. Со доплата е достапно и приспособливо подвозје, со комфорна и спортска програма. Управувањето и реакцијата на гасот не се менуваат, Sharan сепак е семеен ван. Малку повеќе спортска нота се добива со доплатата за спортско подвозје, со кое што каросеријата се спушта за 15 милиметри поблиску до земја.
Фејслифтите во овие денови не можат да минат без нови системи за асистенција. Sharan може да добие систем за следење лента и надгледување на мртвите агли, исто како и радарски темпомат што самостојно запира и забрзува според сообраќајот, или самостојно запирање при опасност на патот при градски брзини. Сите овие системи се на списокот на дополнителна опрема. Кога семејниот татко ќе биде заморен од долгото возење, паркирањето може да го преземе електронскиот систем за самостојно паркирање, надолжно и попречно. Хроничните корисници на паметни телефони ќе бидат среќни и со лесното поврзување на Sharan со нивниот iPhone или Android. Телефонот се поврзува преку USB, за најважните функции потоа да се прикажат на дисплејот и да се користат преку Android Auto или Apple CarPlay. Скапа доплата за навигација повеќе не е потребна, затоа што сега тоа е работа на телефонот.
Продажбата на европскиот пазар стартува во 29-та календарска недела, односно во средината на јули, по цена на основен модел од околу 32.000 евра.
















