за

Српската марка Aqos најавува автомобил за салонот во Женева

Тим од српски и светски експерти предводен од дизајнерот Саша Милованчевиќ ќе прикаже дизајнерска студија на салонот во Женева. Од тоа треба да се роди новата српска марка Aqos.

Автомобилски марки постојано исчезнуваат од сцената, но во исто време се најавуваат и нови марки. Српска фирма работи на проект за воспоставување нова марка на автомобилската сцена, под името Aqos. Како и вообичаено, марката засега постои само виртуелно и на компјутер, но можно е нешто да произлезе откако Aqos ќе го претстави својот прв концептен автомобил во реалноста, пред публиката на салонот во Женева.

Aqos 25
Aqos 25 е најмалечкиот во идната гама на српската марка на дизајнерот Милованчевиќ

Српскиот Aqos веќе има замислено цела гама од седум модели, почнувајќи од градски автомобил, па сé до спортски теренец. Според идејата на извршниот директор и воедно дизајнер на марката Aqos, Саша Милованчевиќ, неговата автомобилска марка ќе воведе изглед што се разликува од останатите возила, и како таков ќе ја растресе автомобилската бранша. Милованчевиќ тврди дека досега има работено со повеќе од водечките производители на автомобили и за реализирањето на неговиот план тој ќе работи со тим од експерти од Германија, Англија и Италија, вклучувајќи ги и домашните капацитети, меѓу кои се наведува и Факултетот за технологија и металургија во Белград.

Најмалечкиот автомобил е Aqos 25, со должина од 3,85 метри и простор за пет патници. Мотор од 1,2 литар ќе ги движи задните тркала. Со тежина од 940 килограми, Aqos 25 ќе забрзува до сто за 9,5 секунди и ќе постигнува крајна брзина од 185 km/h.

Исклучиво заден погон и моќни мотори

Во компактната класа ќе се вмеша Vale 45, со три врати, четири седишта и должина од околу 4 метри. Моторот од 1,4 литар со битурбо натполнење и 180 КС ќе ја испорачува силата до задните тркала и возилото тешко 1.050 килограми ќе го забрза до сто за 6,0 секунди и до крајна брзина од 235 km/h. Aqos Zulu 60 е спортско купе од средната класа, конструирано врз шасија од цевни рамки, со седишта во конфигурација 2+2 и мотор V6 од 2,4 литри со 270 КС. Задниот погон е карактеристика и на ова купе од 4,29 метри. Спринтот на возилото од 1.250 килограми трае 5 секунди, крајната брзина е 260 km/h.

Србите планираат и поголемо купе во понудата. Aqos Fastback ќе се нуди во класична каросериска изведба на купе со две врати и како купе-лимузина со четири врати и должина од 4,69, односно 4,79 метри. За погонот на возилото тешко 1,7 тон е задолжен 3,2-литарски мотор V6 со битурбо натполнење и 370 КС. Fastback ќе забрзува до сто за 5,5 секунди и ќе постигнува 270 km/h.

Спортски автомобил со мотор V10 и 505 КС. Но ќе има и уште повеќе

Замислата за спортски автомобил на Србите ќе ја застапува Aqos Javier, како двосед од 4,61 метри, исто така со шасија од цевна рамка, но и со десетцилиндарец од 4,7 литри во носот. До задните тркала ќе доаѓаат 505 КС, кои ќе забрзаат 1,4 тон тешкиот Javier за 3,5 секунди до сто и ќе му обезбедат крајна брзина од 330 km/h.

Aqos Peja 4XL Off Road
Aqos Peja 4XL Off Road е предлогот на српската марка за спортски теренец

Во време на продажен бум во сегментот, секако дека и виртуелната спрска марка не смее да си дозволи во нивната понуда да отсуствува спортски теренец. Самото име ветува многу: Aqos Peja 4XL Off Road. Теренецот од 4,66 метри ќе тежи 1,8 тон и ќе добива погон од 3,7-литарски V6 со 330 КС. Со таа сила, Peja ќе забрзува до сто за 7 секунди и ќе вози до 250 km/h.

Врвот во понудата го претставува суперспортскиот автомобил Aqos PM, со ултраниска каросерија. Како Србите ја замислуваат механиката и конструкцијата на овој автомобил, засега останува тајна. Со кој од овие автомобили Aqos ќе настапи на салонот уште е неизвесно.

Како светските инивеститори ќе реагираат на замислата на Саша Милованчевиќ, ќе се знае дури по салонот во Женева. Исто како кај другите ентузијасти кои со изложување на салонот ги оправдуваат вложувањата на своите инвеститори и бараат нови. Со среќа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Редок Aston Martin DB2/4 со мотор од Lada откриен во шупа во Куба

Норвешкиот град Осло вложува половина милијарда евра во велосипедски патеки