Баварците продолжуваат да го прославуваат успехот на својата подмарка за електрични возила BMW i, откако по три години од стартот на i3 продадоа над 100.000 примероци. На ред е серија во ограничен број примероци од спортскиот модел i8, во впечатлива боја на каросеријата, според којашто серијата соодветно се нарекува „Protonic Frozen Edition“.
Во минатиот ноември, BMW ја надмина звучната бројка од 100.000 примероци од своите модели со електрифицирана погонска спрега, достигната по три години од стартот на i3. Од следниот месец, плагин-хибридниот погон на подмарката BMW i за првпат ќе работи и во Mini, а истиот веќе се вградува и во матичната марка, како iPerformance. Планот е во тековнава година вкупната продукција на плагин-хибридни и електрични возила да достигне 100.000 примероци.
На салонот во Женева премиерно ќе биде претставена специјалната серија од спортското купе i8, којашто ќе се изработи во ограничен број примероци и лакирана е во впечатливи бои од BMW Individual. Каросеријата на BMW i8 Protonic Frozen Black Edition е лакирана во комбинација од црна и сива боја со свиленкаст сјај, којшто е постигнат со посебна технологија и има за цел да ги нагласи динамичните линии на каросеријата изработена од карбонски влакна. Според BMW, ефектот е највпечатлив ноќе.
Неколку месеци подоцна ќе стартува и „жолтата“ серија Protonic Frozen Yellow Edition, со уште повпечатлива појава. Обата модела поседуваат бандажи од 20 инчи со краци во форма на W и матиран финиш. Седиштата имаат опшивка во жолта боја, исто како и облогите на вратите, патосниците и долната половина од арматурната табла. Таванот е во антрацит боја, ремените се сиви, додека на рачката на менувачот и на контролерот за iDrive се вметнати плочки од керамика. Посебниот настап го комплетираат прагови со втиснато име на серијата.
BMW i не ја објавува цената на „замрзнатата“ серија. Стандардниот i8 чини точно 130.000 евра според германскиот ценовник.



















