Volkswagen ја пушти специјалната серија Original за 40-годишнината на Polo. Моделот е ограничен на 1.000 примероци и поседува ексклузивна опрема со минимална доплата во однос на стандардната изведба.
Volkswagen стартуваше со продажба на специјалната серија Polo Original со цена за основниот модел од 19.950 евра на германскиот пазар. Моделот ќе се изработи во серија од само 1.000 примероци и се нуди во шест комбинации од мотори и менувачи, исклучиво во каросериска изведба со пет врати. Ексклузивната опрема и детали на Polo Original се достапни по цена пониска за 1.119 евра отколку при одделна нарачка на ставките кај стандардниот модел.
Само неколку примероци со ексклузивната портокалова металик боја
Лимитираната серија се препознава по капите на ретровизорите лакирани во боја на каросеријата, по затемнетите задни светла, и по амблемот Original на крилата и на праговите. Наворешниот настап е заокружен со диодни светла и маска во сјајна црна боја, како и алу-бандажи од 16 инчи со дизајн Portago. Само неколку примероци ќе бидат достапни во ексклузивната боја Honey Orange Metallic.

Внатрешноста пречекува со мултифункциски волан во кожа, рачка на менувач и рачка на паркирна сопирачка во кожа, со штепови во боја на „тартуф“, како и со спортски седишта во каро-дизајн, по пример на првиот Polo. Страниците на седиштата и потпирачите за глава се изведени со вештачка кожа. Неколку детали во кокпитот се лакирани, а педалите се изведени со финиш на алуминиум.
Сериската опрема вклучува автоматски клима уред, приклучок за преносни уреди и поддршка за говорни команди. За безбедноста дополнително се грижи системот Front Assist со функција да иницира самостојно запирање во случај на опасност од судир, додека задната камера со приказ на средишниот дисплеј го олеснува паркирањето.

















