
Гума со димензија каква што имаше првиот Golf од 1974 година, денес би поминала само за помошното тркало. Гумите растат постојано и тоа не само поради спортскиот изглед.
На времето беше доволно на автомобилот да му се стават пошироки гуми од стандардните за тој да се води како тјуниран. На тоа ќе се додадеа уште „ветробрани“ на предните прозорци, црни вшмукувачи на воздух за отворите на хаубата и двојна лента преку целата каросерија, и тој автомобил ќе беше најголемата гордост на неговиот „тјунер“. Денес работите се променети. Автомобилите излегуваат од фабрика со широки гуми. Во споредба со нив, гумата со димензија 145х13 на Golf од 1974 година изгледа како за помошно тркало. Вообичаената ширина денес е најмалку 195 милиметри.
Историјата кажува дека најголемиот дел од продадените примероци од Audi 100 од 1983 година возеле со гуми 185/70 R14. Две децении подоцна, наследникот Audi A6 вози најчесто со 205/60 R16, додека денешниот А6 обично користи димензија 245/45 R18.
Техничките барања се тие што го условија постојаното зголемување на димензиите на гумите. Денешните автомобили се потешки и имаат повеќе КС. Поради тоа е потребна поголема газечка површина, за при повисока брзина да може безбедно да се совладуваат свијоците. Просто правило: Колку е поширока гумата, толку е поголема моќноста што таа може да ја пренесе на патот.
Контактот со подлогата се зголемува со ширината на гумата. На крајот на 1970-те години, сериските гуми можеа да издржат максимална брзина од најмногу 210 km/h, додека денешните гуми дозволуваат 360 km/h. За автомобилот да може безбедно да сопира од овие брзини, пречникот на тркалата се зголеми и производителите можат да вградуваат поголеми дискови.
Возачите со широки гуми се во предност токму зиме. Овие гуми обезбедуваат подобро странично држење на добро нагазен снег и подобар потенцијал за сопирање во споредба со потесните гуми. Последниве
се подобри само на свежо паднат и неразгазен снег. Возачите со пошироки гуми се во предност и на влажен пат.

Отпорот при тркалање во последните три децении се намали за 30 проценти. Ако гума со димензија 185/60 R14 во 2000-та година имала вредност на отпорот при тркалање 11,7 CR, денес таа има вредност само 8,6.
Причината за тоа што потрошувачката на гориво не се намали во истата мера како отпорот при тркалање е во целиот автомобил. Гумите влијаат само со 20 проценти во потрошувачката на гориво. За неа решаваат и погонската техника и начинот на возење. Тие што сакаат да ги поштедат гумите и да не трошат премногу гориво треба да избегнуваат брзо поаѓање и сопирање, исто како и прешироки гуми коишто не одговараат на подвозјето и каросеријата на возилото.















