за

Следната генерација на Mercedes E-Class уловена на тестирање

Од ловците на нови модели на тестирање веќе пристигаат првите фотографии на кои јасно се гледаат конечните форми на следната генерација на Mercedes E-Class. Надворешноста е многу слична со C-Class, внатре има силна инспирација од Concept IAA.

Во следната пролет стартува продажбата на новата генерација на Mercedes E-Class, откако моделот со фабричка ознака W 213 ќе доживее светска премиера веднаш по преминот во новата година, на салонот во Детроит, кој се одржува од 11-ти до 24-ти јануари. Секако дека и „карпараците“, оние ловци-фотографи на идни модели во сите фази на тестирање, беа вредни во меѓувреме. Возилата уловени во објективите на карпараците се речиси немаскирани и јасно го прикажуваат конечниот изглед на „W 213“.

mercedes e class 2016 00004Во внатрешноста има многу детали од студијата IAA од салонот во Франкфурт

Тоа што за првпат го открива последнава серија фотографии е ентериерот. Многумина претпоставуваа, но сега и се потврдува дека идната E-Class ќе има внатрешност во стилот на Concept IAA од салонот во Франкфурт, со два големи дисплеи од по 12,3 инчи. Дисплејот пред возачот ќе ги прикажува виртуелните инструменти и податоците за самото возење, додека дисплејот оддесно ќе биде резервиран за навигацијата и мултимедијата.

Исто како кај студијата, со приказот на дисплеите ќе се ракува преку еден вид џојстици во пречките на воланот. Mercedes го најави овој принцип на ракување како One Finger Navigation, со левиот палец за ракување со левиот дисплеј, и десниот палец за десниот дисплеј. Воланот е речиси идентичен со оној во студијата IAA.

Четири тркалезни отвори за воздух доминираат во средишната конзола

По целата средина на арматурната табла се протега дебела сребрена лајсна, која преоѓа и во вратите – верно на Wrap-Around-Design кај студијата од Франкфурт. Четири тркалезни отвори за воздух доминираат во средишната конзола, со по уште еден отвор странично. Во средишната конзола се забележува и комбинацијата од традиционалниот „валјак“ и модерно поле за ракување преку допир, позната од C-Class.

mercedes e class 2016 00006Надворешниот дизајн на прв поглед е мошне сличен со актуелната генерација на C-Class и има помали предни светла во споредба со постоечката E-Class. Горниот раб на линијата на прозорците е повеќе заоблен и изгледа похармонично, а работ кој се протега од задните рачки на вратите до капакот на резервоарот кај идниот модел ќе продолжува поназад.

Опашот е повисок и потсеќа на студијата IAA, секако без активните елементи за аеродинамика. Маркантниот раб на капакот на багажникот останува, задните светла се помали и со стилот исто така потсеќаат на оние кај актуелната C-Class.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Skoda Superb 2.0 TDI Ambition

Volvo S90: Сега и лимузините на Швеѓаните удираат со чеканот на Тор