за

Скандалот со издувот се проширува: Renault Espace 25 пати над дозволеното

Сомнежите околу неправилностите во издувните гасови и на други марки покрај Volkswagen се потврдуваат со последното тестирање на германското еколошко здружение. По Opel, екстремни вредности се откриени и кај Renault.

Германското еколошко здружение претходно ги објави застрашувачките резултати од тестирањето на емисијата на штетни материи кај 1,6-литарскиот мотор на Opel во ванот Zafira, а сега следува уште една марка. Дали целата автомобилска бранша мами околу вредноста на азотни оксиди во издувните гасови? Моторот 1.6 dCi во Renault Espace ги задоволува пропишаните вредности според нормата Euro 6 само при тестирање на незагреан мотор и при посебни услови. Ситуацијата се менува драстично откако моторот ќе ја постигне работната температура. Во пет тестови според нормираниот циклус, емисијата на азотни оксиди бележи вредности што се за 13 до 25 пати над дозволените. Здружението најави дека тестирањата ќе ги продолжи и кај дизел моторите од други марки.

По енормното надминување на дозволените вредности кај Opel Zafira 1.6 DTCi, уште повисоки вредности се измерени кај Renault Espace
По енормното надминување на дозволените вредности кај Opel Zafira 1.6 DTCi, уште повисоки вредности се измерени кај Renault Espace

Renault Espace 1.6 dCi ја исполнува нормата само со посебна подготовка на возилото и при незагреан мотор

Проверката на еколошката подносливост на Renault Espace 1.6 dCi со 12.300 изминати километри и емисија според Euro 6b беше извршена во лабораторијата на Техничкиот факултет во Берн, Швајцарија. Од здружението соопштуваат: „Го подложивме на тест Renault Espace Diesel затоа што на други тестирања се покажаа застрашувачки високи емисии. На нашето тестирање се покажа дека постои шаблон. Единствено кога автомобилот еден ден претходно ќе се подготви за тестирањето што следува, моторот покажува одлични вредности. Доколку не се изврши подготовката и се тестира со загреан место со незагреан мотор, се покажуваат високи вредности какви што досега немаме измерено.“

Нови генерации модели и нови мотори имаат вредности како во 1980-те

Мерните резултати со загреан мотор покажуваат екстремно високи вредности на азотни оксиди, дури 2.061 mg/km. Дозволени се 80 mg/km. Вакви вредности имаа автомобилите кон крајот на 1980-те години, пред да се воведат стандардите за издувни гасови. Неверојатно е дека по три децении, на патиштата уште возат автомобили што во толкава мера го загадуваат атмосферскиот воздух. Но, Opel и Renault, а претходно и Volkswagen, не се единствени што мамат со издувните гасови. Проблемот е на ниво на браншата. И на политиката.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Димензија 205/55 R 16 H (Втор дел)

Grand Theft Auto V на професионален симулатор на возење?