
Автомобилите што носат лого на германска марка сé поретко се произведуваат во Германија. Нивниот удел се намалува со години, трендот продолжува засилено.
Германските автомобили сé поретко доаѓаат од Германија. За разлика од 2005 година, кога секој втор автомобил од германска марка се произведувал на германска територија, во 2013 година нивниот удел се намалил на само 33 проценти. Учеството на автомобилите од германска продукција се намалило особено кај Volkswagen, од 40 проценти во 2005 година на 26 проценти во 2013 година.
Volkswagen ги произведува моделите Eos, Scirocco и Sharan во фабриката во Сетубал, Португалија. Од унгарскиот Гјор доаѓаат кабриолетот и лимузинската изведба на Audi A3, како и Audi TT Coupe и Roadster. Ниту Mercedes повеќе не е „чисто“ германска марка. Додека пред десет години три од четири автомобили од марката се произведувале во Германија, денес нивниот удел е намален на само 61 проценти. Класата B и лимузината CLA се произведуваат во унгарскиот Кечкемет. Исто како BMW, марката со сребрената ѕвезда ги произведува своите теренски модели во САД. Класите M, R и GL на Mercedes се произведуваат во Таскалуза. Исклучок е GLA, којшто доаѓа од Раштат.
Затворањето на фабриката на Opel во Бохум е само кулминација на трендот на иселување на продукцијата на марката. Astra се произведува во полскиот Гљивице уште од 2011 година, додека Corsa, Meriva и Mokka потекнуваат од фабриката во Сарагоса, Шпанија. Opel Vivaro се произведува во англискиот Лутон.
Во последните десет години, апсолутниот број на возила произведени во Германија се зголеми од четири на пет милиони, но постојано се отвораа фабрики надвор од државата, така што на крајот се намали уделот на автомобилите „Made in Germany“. Денес секој четврти автомобил од германските концерни потекнуваат од кинеска продукција, Европа без Германија учествува со 20 проценти, додека САД постигнува удел од 10 проценти. Трендот ќе продолжи и во иднина. Mercedes планира отворање нови фабрики во Бразил и Мексико, Volkswagen в година ќе отвори фабрика за товарни возила во Полска, додека BMW од 2019 година ќе произведува автомобили за пазарот во САД во регионот на Средна Америка.
Глобализацијата на пазарите и на производствените локации е уште поизразена во Франција. Само 13 проценти од возилата на Renault-Nissan и PSA Peugeot Citroen се произведени во земјата. Пред десет години нивниот удел изнесување 31 проценти. Освојувањето на кинескиот пазар преку изградба на локални фабрики има важна улога и во овој тренд. Но, за разлика од Германија, бројот на возила произведени во Франција се намалува постојано. Додека пред десет години Французите произведувале три милиони возила, денес не ја постигнуваат ниту половината.















