Двестотини електрични автомобили на Renault и Nissan ќе бидат достапни за секојдневно користење од учесниците на конференцијата за клима на Обединетите Нации. Возилата ќе поминат 400.000 километри за време на конференцијата.
За време на конференцијата за клима на Обединетите Нации во Париз за првпат на меѓународна конкуренција од толку висок ранг ќе се возат исклучиво електрични автомобили. Возниот парк ќе биде составен од 200 возила со погон на струја од алијансата Renault-Nissan. Автомобилите и транспортерите кои не испуштаат ниту грам штетни материи се очекува да поминат вкупно 400.000 километри. Двестотини вработени во алијансата се пријавија доброволно да ги превезуваат учесниците на конференцијата, заедно со двестоте професионални возачи.
На самитот што се одржува од 30-ти ноември до 11-ти декември 2015 во француската престолнина се очекуваат околу 20.000 експерти од Обединетите Нации и гости од 195 држави. Возниот парк ќе биде составен од компактната комбилимузина Renault Zoë, градскиот транспортер Renault Kangoo Z.E., Nissan Leaf и минибусот Nissan e-NV200.
Карлос Гон: „Електричните возила овозможуваат премин во општество со нулта емисија“
За време на самитот на ОН, учесниците ќе можат да го користат електричниот возен парк како алтернатива на јавниот превоз во секое време од денот, за возење до местата на одржување на конференциите, на средбите и до хотелите. „Електричните возила се достапно и практично решение за драстично намалување на емисијата на СО2 во возењето. Тие ја намалуваат количината на издувни гасови во урбаните средини,“ изјавува шефот на Renault-Nissan, Карлос Гон. „Преку тесната соработка меѓу приватниот и јавниот сектор сега се овозможува премин во општество со нулта емисија.“
Партнерите Renault и Nissan посебно за конференцијата за клима ќе постават 90 дополнителни станици за брзо и стандардно полнење на територијата на Париз. Полначите поставени на клучните места во градот ќе овозможат батериите на возилото да се наполнат до 80 проценти од капацитетот за само 30 минути. Француско-јапонската алијанса е најголем производител на возила со погон на струја и нуди комплетна палета од електрични возила. Од почетокот на продажбата на Nissan Leaf во декември 2010, во светот се испорачани преку 267.000 електрични возила. Над половината од сите продадени електрични автомобили во светот потекнуваат од Renault или Nissan.
















