Во првите три денови од салонот во Женева, на новинарите ќе им биде достапна бесплатна шоферска услуга со луксузните лимузини и теренци на Cadillac. Тоа е повеќе од добар маркетинг.
Луксузната марка Cadillac и фирмата Uber ја започнаа соработката годинава, овозможувајќи им на новинарите бесплатно такси за време на одржувањето на салоните во Детроит и Чикаго. Соработката продолжува и на европска почва, на салонот во Женева. Медиумските претставници што ќе се акредитираат за швајцарскиот салон, ќе можат во првите три денови од неговото одржување да користат шоферска услуга со возилата на Cadillac, како и да букираат тест возење на моделите од престижната марка на General Motors.
Преку апликацијата за паметни телефони на Uber, новинарите ќe можат да букираат приватен возач во Cadillac, за бесплатен превоз во градот. Возниот парк го сочинуваат Cadillac Escalade, кросоверот Cadillac SRX, како и новите генерации на моделите CTS и ATS. За користење на услугата, на новинарите им стои на располагање апликацијата за паметни телефони на Uber, преку која што се избира моментната локација и се бара возило. Возењата се ограничени на 15-20 минути во центарот на Женева.
Американците очигледно смислија одличен начин да ги поттикнат медиумите да објавуваат повеќе за марката Cadillac. Престижната марка на General Motors започна нов обид за етаблирање на европскиот пазар, покрај конкуренцијата од Mercedes, BMW и Audi.
















