Воведувањето на дизелскиот мотор предизвика огромна побарувачка на пикапот Dodge Ram. За еден викенд по стартот на продажбата Dodge доби 8.000 нарачки за дизелскиот модел.
По преземањето на Chrysler од страна на Fiat, американските марки добија пристап до широката палета од дизелски мотори на Италијанците. Сосема е разбирливо тоа што Punto со дизелски мотор нема да предизвика продажен бум во Америка, за разлика од Jeep Grand Cherokee со трилитарски дизел со 240 КС, кој е вистинска сензација на пазарот од другата страна на големата бара.
Моторот со вртежен момент од 569 њутнметри ја држи потрошувачката на гориво под 10 литри, што претставува огромен напредок во споредба со осумцилиндарските бензинци што обично се вградуваат во овој тип на возила. Шестцилиндарскиот дизел сега се нуди и во пикапот Dodge Ram, каде што во штедливоста дополнително му помага и стандардниот автоматски менувач со осум степени.
Очигледно е дека Американците со нетрпение го очекуваа автомобилот што во моментов важи како најекономичен пикап на пазарот. Половината од планираната месечна продукција на Dodge Ram 1500 Diesel се продаде за само еден викенд. Dodge не е единствената марка што се обидува да ја стави под контрола ненаситната жед на пикапите. Ford го вградува шестцилиндарскиот EcoBoost во новата генерација на F-150, иако во случајов се работи за бензинец.
















