за

Русија ќе го забрани увозот на автомобили од Западот?

Дневниот весник „Ведомости“ објави дека Русија може да ги затегне санкциите против западните земји со забрана за увоз на автомобили, доколку САД и ЕУ применат дополнителни санкции против Москва.

По нападите на Русија врз Украина, западните земји воведоа санкции против финансискиот и енергетскиот систем на Москва. Следен чекор може да биде забрана за увоз на автомобили од западните земји, пишува дневниот весник „Ведомости“. Увозните автомобили учествуваат со 27 проценти во продажбата во првата половина од годинава, додека квотата кај товарните возила изнесува 46 проценти.

Продажбата на автомобили на рускиот пазар во минатата година опадна за 5,5 проценти, на 2,6 милиони возила. Како резултат од украинскиот конфликт и од слабеењето на рубљата се очекува продажбата во оваа година да забележи натамошен пад од 12 проценти. Забраната нема да важи за странските производители што имаат отворено фабрики во Русија. Според тоа, Ford, Volkswagen, Renault, Toyota и Hyundai ќе бидат исклучени од оваа забрана.

Стапувањето на санкциите во сила ќе зависи од тоа дали западните земји ќе воведат дополнителни санкции. Русија воведе забрана за увоз на земјоделски производи од ЕУ, САД, Австралија, Канада и Норвешка, а можно е санкциите да се прошират и во бродоградбата, аероиндустријата и автомобилската индустрија.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

MINI наврши 55 години: Малечкиот автомобил со голема историја

Audi во летно жнеење на награди