за

Рекордни 38 милиони долари за „најчуваниот“ Ferrari

Ferrari 250 GTO е најскапиот автомобил во светот. На вчерашното наддавање во Пебл Пич, тој го промени сопственикот за 38,115 милиони долари. Сензација е што овој GTO воопшто се најде на продажба.

На ниту едно наддавање досега не се понудени повеќе пари за автомобил: 38,1115 милиони долари или 28,5 милиони евра. Толку вчера плати новиот сопственик на 52-годишниот Ferrari 250 GTO на собирот на олдтајмери во калифорнискиот Пебл Бич. Експертите очекуваа дека цената ќе достигне 50 милиони долари, но рекордот падна во секој случај. Титулата на најскап автомобил лани му припадна на еден историски модел на Mercedes, кој се продаде за 29,7 милиони долари.

Продадениот тркачки GTO со трилитарски мотор V12 беше во приватна сопственост на еден италијански благородник цели 49 години – ниту еден автомобил на Ferrari не бил подолго во сопственост на еден човек. Фабрицио Виолати, син на производител на пијалоци и голем автомобилски ентузијаст, го купил автомобилот во 1965 година за 2,5 милиони лири или тогашни 4.000 долари.

Претходно, автомобилот учествувал на автомобилскиот Тур д’Франс веднаш по испораката во септември 1962 година. Зад воланот се наоѓал Џо Шлесер, а совозач бил Анри Орелие, двократен олимписки шампион во скијање. Само неколку недели подоцна Орелие загинал во автомобилот на една трка. GTO по незгодата бил комплетно репариран во Маранело и во 1964 година му бил продаден на италијанскиот тркач Ернесто Принот, за една година подоцна да премине во сопственост на Виолати.

Аукционерската куќа „Бонамс“ веќе во минатата година постигна рекордна цена, за шампионскиот автомобил на легендарниот Хуан Мануел Фанџо. Mercedes-Benz W196 R F1 од 1954 година тогаш достигна 22,4 милиони евра. Неофицијалната титула за „најскап автомобил на светот“ важи само за автомобили што се понудени на наддавање, а не и за приватна продажба. Лани, примерок од Ferrari 250 GTO, во приватна продажба достигна 52 милиони долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Колку заработуваат возачите во формула 1?

Volvo 240: Поради овој модел ја сакавме (и ја сакаме) шведската марка