за

Располагањето со податоци им носи пари на производителите на автомобили

Со мрежното поврзување на автомобилите им се отвора нов бизнис на производителите. Моментно се води жестока битка околу тоа на кого треба да му припаднат податоците што ги произведуваат автомобилите.

Автоиндустријата се подготвува за иднината во којашто располагањето со податоците од вмрежените автомобили ќе прерасне во значаен бизнис. Податоците ќе бидат идното „платежно средство“ во оваа индустрија и тој што има контрола над податоците ќе владее со целиот бизнис.

Германската премиум тројка Audi, Daimler и BMW, вложи 2,8 милијарди евра во овој сегмент. Лани тие ја платија оваа сума за преземање на картографскиот сервис Here, дотогаш во сопственост на Nokia. Со овој чекор, премиум марките си обезбедија карти со висока прецизност, без коишто не може да се замисли идното автономно возење, но многу е поважна платформата за размена на податоци меѓу возилата со којашто располага Here и се очекува таа да прерасне во стандард за целата бранша.

Mercedes, Audi и BMW ќе дозволат податоците од сензорите на нивните вмрежени автомобили да бидат вклучени во картите на Here. Тоа се информации, на пример, за голомразица и други опасности и пречки на патот, како и за застои на патот. Возилата ќе ги испраќаат овие информации до „облак“, од кадешто истите ќе можат да се пренесуваат и до другите возила.

Трите германски марки на овој начин постигнуваат предност пред Google, кој добива информации преку милиони паметни телефони со Android, но тоа сепак се непрецизни информации што не можат да се искористат за истата цел. Here планира да ја прошири соработката со уште десетина производители на автомобили, што е неопходно заради натамошно усовршување на картографската служба. Колку повеќе производители учествуваат во размената на податоци, толку ќе бидат попрецизни и покорисни информациите.

volvo in car delivery (1)
Volvo веќе има развиено напредни услуги кои се базираат на системот Volvo On-Call, меѓу другото и достава на пратки директно во возилото

Некои производители одбиваат да ги „отворат“ своите возила за Here. Шведскиот Volvo, на пример, повеќе сака да ги држи работите под своја контрола и исто така располага со „облак“, преку когошто се разменуваат податоци за голомразица или незгоди на патот. Во Шведска е постигната добра покриеност со оваа услуга, но во земјите кадешто има помала застапеност на возила од марката Volvo, системот е речиси бескорисен.

Производителите во секој случај заклучија дека е важно да се обезбедат преодни стандарди за податоците да може да се разменуваат меѓу возила од разни марки. Volvo се противи повторно и предлага да се разменуваат податоците меѓу „облаците“ на повеќе производители, отколку директно да се разменуваат податоците меѓу возилата.

Секако дека производителите на автомобили се нови во оваа бранша и работите сигурно нема да се одвиваат толку лесно како што очекуваат. Но, предусловите се обезбедени, моќната алатка Here е веќе во нивни раце. На крајот, купувачите ќе решат која платформа е таа што им обезбедува најпрактично користење.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren е причина за загриженост за Ferrari и компанија

Кучешка послушност: Tesla доаѓа сама до сопственикот