за ,

Премиера на салонот во Франкфурт: Porsche 911 отсега само со турбомотори

Меѓу спортските автомобили има такви што се најбрзи, најоткачени, најскапи, но повеќето од нив ја пропуштаат суштината. Освен Германците. Porsche 911 Carrera со децении е најпродаван спортски автомобил. Фејслифт на оваа автомобилска икона.

Никој не продава повеќе спортски автомобили од Porsche. Култната ознака 911 Carrera веќе со децении стои за најпродаваниот спортски автомобил во светот. За салонот во Франкфурт следува фејслифт, за предноста пред конкурентите да се зголеми уште толку. Новитети има во турбонатполнењето, коешто сега е стандард низ целата гама на 911, промени има и во подвозјето, во исто време е напредувано и во комфорот и во перформансите, додадени се нови опции за поврзување со преносни уреди. За Carrera за прв пат може да се нарача и управување на задната оска, заради дополнително подобрување на возната динамика.

Надвор се забележуваат нови светла, со дневни светла со четири точки, рачки без рамка во вратите, како и нова форма на задниот капак, со вертикални ламели и освежен дизајн на светлата, секако со препознатливите стоп-светла со четири точки. Во кокпитот сега стандардно следува Porsche Communication Management со дисплеј на допир и поедноставено ракување.

Новите турбо мотори носат 20 КС повеќе при пониска потрошувачка

Комлетно новата понуда од боксер мотори со битурбо натполнење стартува со 370 КС во 911 Carrera, по што следуваат 420 КС во 911 Carrera S – во обата случаи се добиваат 20 КС повеќе отколку во претходниците. Повисоката моќност на 911 Carrera S произлегува од турбополначите со поголеми компресори, различниот издувен систем и променетата контролна електроника на моторот. Работната зафатнина на шестцилиднарскиот боксер е смалена на три литри.

P15_0696Присуството на турбонатполнењето се огледува повеќе во вртежниот момент, којшто е зголемен за 60 њутнметри и изнесува 450, односно 500 њутнметри во Carrera S. Оваа силна поддршка е достапна во континуитет од 1.700 до 5.000 вртежи. Техничарите на Porsche се погрижија да го задржат „расположението“ на боксерот за високи вртежи, и покрај турбонатполнењето коешто обично ја спушта горната граница на вртежи – со максимални 7.500 вртежи пред вклучувањето на лимитерот, новиот трилитарец работи многу повисоко од вообичаените турбомотори. Се ветува и задржување на препознатливиот звук на моторот.

Потрошувачката е намалена до 12 проценти, односно за околу еден литар. Во верзија со менувач со двојка спојка PDK, Carrera троши 7,4 литри на сто километри (-0,8 литар), додека Carrera S, исто така со овој менувач, троши 7,7 литри или точно еден литар помалку од претходникот. Поважни се перформансите: 911 Carrera Coupe со PDK и пакет Sport Chrono, спринтува за 4,2 секунди до сто (-0,2 секунда), додека Carrera S во истата оваа конфигурација ја совладува парадната дисциплина за  3,9 секунди (повторно -0,2 s). Тоа е прва Carrera под волшебните четири секунди. Крајната брзина соодветно изнесува 295 (+6 km/h), односно 308 километри на час (+4 km/h).

При нарачка на пакетот Sport Chrono, спортското купе од Цуфенхаузен за прв пат поседува прекинувач за модус на воланот, којшто е изведен од прекинувачот за хибриден модус на 918 Spyder. Овој прекинувач се состои од вртлив прстен со четири положби за програмите за возење нормал, спорт, спорт плус и индивидуал. Во последниот модус, зависно од опремата, возачот може да намести сопствено дотерување на возилото, вклучувајќи ги активното подвозје, активните лежишта на моторот, работата на менувачот со двојна спојка и издувниот уред. Во комбинација со менувач PDK, прекинувачот за модус има дополнително копче за „Спортска реакција“, при што погонската спрега во времетраење од 20 секунди е во состојба на подготвеност за максимално забрзување, на пример при престигнување. Притоа се активира оптималниот степен на пренос и контролната електроника обезбедува уште поспонтана реакција на моторот.

Активно подвозје спуштено десет милиметри во серискиот пакет

За првпат 911 Carrera доаѓа стандардно со активно подвозје PASM спуштено десет милиметри. Новата генерација амортизери придонесува за уште подобар спој меѓу комфор за секојдневието и директна реакција при динамично возење. Нови бандажи со пет тенки краци носат гуми со намален отпор и подобрени перформанси. Ширината на задните бандажи порасна за половина инч, на 11,5 инчи, така што задните гуми на 911 Carrera S отсега се широки 305 место 295 милиметри.

Од 911 Turbo и 911 GT3 пристига опционалното управување на задната оска, со круг на вртење намален за половина метар при маневрирање и паркирање во град, но во исто време и со значително подобрена стабилност во брзи сввјоци. Возачот ја чувствува подобрената управливост преку нова генерација волано, со дизајн по пример на 918 Spyder. Основниот волан има пречник од 375 милиметри, додека опционалниот спортски волан GT има 360 милиметри.

Интересна опција што го штити предниот спојлер од наседнување на тротоар или при стмен пристап во гаража е хидрауличниот систем за подигнување во амортизерите на предната оска. Со притискање на копче, целиот преден дел за пет секунди се подигнува 40 милиметри и го поштедува скапиот автомобил од оштетување.

Нов систем за комуникација со навигација преку интернет

Стандардно во сите модели 911 Carrera е новиот систем за комуникација PCM, со интернет-навигација и говорни команди. Со PCM се ракува исто како со паметен телефон, по пат на  гестикулација преку дисплејот од седум инчи, вклучувајќи и рачно испишување на текстот. Телефоните и преносните уреди отсега можат да се поврзуваат и преку локалната мрежа. Преградата за паметен телефон за првпат е интегрирана во потпирачот за рака, заради подобро полнење и оптимален прием. Уште еден новитет е поврзувањето на iPhone со PCM, заради користење на Apple CarPlay.

Нови и подобрени системи за асистенција

Опционалниот Tempostat отсега поседува и можност за умерено сопирање, кога зададената брзина ќе се пречекори на пример на надолнина. Активниот темпомат ACC во комбинација со менувач со двојна спојка доби функција на „едрење“, што овозможува дополнителна заштеда на гориво, преку отворање на спојките, односно одвојување на погонската спрега и чисто тркалање по инерција

Продажбата на германскиот пазар ќе стартува на 12-ти декември, по цена од 96.605 евра за 911 Carrera, односно 110.766 евра за 911 Carrera S. Кабриолет верзиите чинат соодветно 109.695 евра, односно 123.856 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Внимателно при возење под замор: Опасно секундно заспивање зад воланот

Најбезбедниот Audi на сите времиња: Блиндиран A8 L Security