за

Презентација на Discovery Sport во Исланд: Баш е „кул“ овој Land Rover

8. LAND ROVER DISCOVERY SPORT, продадени примероци 15,371 –

Другите марки во зимо ги прикажуваат новите модели на Коста Смералда. Land Rover, пак, го пушти новиот Discovery Sport да го запознае светот преку зимските патишта во Исланд.

Новиот Land Rover Discovery Sport мораше да се соочува со снегови, мразови, бури и темници и во исто време под овие екстремни услови да докаже дека Британците повторно постигнале напредок со новиот модел. Discovery Sport го заменува Freelander како основен модел во понудата на Land Rover.

На замрзнатите патишта е важно патот пред себе да се гледа добро

По само неколку километри на патиштата северно од Рејкјавик се покажа предноста на високото седење во теренците. Прегледноста на патот завеан од снежната бура во Land Rover Discovery Sport е поголема отколку во која било лимузина. Освен повисокото седење, Discovery нуди и добра прегледност на сите страни. Тоа е од голема корист, затоа што при возење по мраз возачот мора концентрирано да го следи патот пред себе.

За бучавата од ветрот при возење не можеме да дадеме никаква оцена. Таа беше целосно „надвикана“ од бурата. За држењето правец и комфорот на подвозјето исто така не може да се даде оцена, поради гумите со „спајкови“. Непроверени останаа и забрзувањето и крајната брзина, поради брзинското ограничување на 90 km/h и радарите што се поставени среде пустелија.

Во споредба со поголемите браќа изгледа како семејно комби

Причината за тоа што Land Rover го прикажува новиот Discovery Sport токму во најтемниот месец од годината, не е намерата да се прикрие неговиот дизајн. Нема ниту потреба од тоа, затоа што новакот го заслужува додатокот „спорт“ во името. Discovery е значително понизок од другите членови во семејството на Discovery. Со долгото меѓуоскино растојание и пропорциите, тој повеќе ја нагласува должината на каросеријата, отколку висината.

Додека другите марки во зима избираат потопли краишта за претставување на новите модели, на Land Rover повеќе му одговара Исланд
Додека другите марки во зима избираат потопли краишта за претставување на новите модели, на Land Rover повеќе му одговара Исланд
При првиот контакт е тешко да се поверува дека каросеријата завршува по само 4,60 метри. Со тоа, Discovery е покус од Audi Q5, но нуди плус две седишта – во таканаречен театарски распоред. Вториот ред е за близу шест сантиметри повисок од предните седишта, а третиот е повисок за уште два сантиметра.

Многу повеќе простор отколку во Freelander

Досегашниот Discovery имаше грпка во покривот за таа цел. Sport ја нема. Патниците и покрај тоа имаат повеќе простор за глава и особено за нозете во споредба со Freelander, а променет е и аголот на седиштата. Седењето назад сега е многу попријатно. Дури и кога седиштата во вториот ред ќе се повлечат наназад до крај, останува багажник од 480 литри. Ако клупата се повлече нанапред, багажникот има големина од 690 литри. Кога има седуммина патници, во багажникот остануваат 194 литри. Максималната зафатнина на товарниот простор што се добива откако со притисок на копче ќе се соборат обата реда седишта изнесува близу 1.700 литри и тоа би требало да биде рекорд во класата. Малку пречи единствено тоа што подот се издигнува нанапред.

Discovery Sport е конципиран како функционално семејно возило

Техниката на Sport е идентична со Range Rover Evoque – до средишниот столб и под ламарината. Поради поголемата должина, во задниот дел сé е ново, вклучувајќи ја и задната оска со повеќе водилки. Новата оска „отвори“ простор за третиот ред седишта, а дополнително постигнува и поголем комфор во споредба со Evoque. Сепак постојат големи разлики во карактерот меѓу обата модела. Evoque, исто како и останатите модели на Range Rover се ориентирани првенствено кон луксузот, додека Discovery Sport повеќе е посветен на функционалноста, како еден вид семејно возило.

Во внатрешноста нема драстични разлики со техничкиот брат Evoque
Во внатрешноста нема драстични разлики со техничкиот брат Evoque
Во внатрешноста сепак нема огромни разлики со Range Rover, ниту во материјалите, ниту во дизајнот. Рамната и широка арматурна табла со масивна средишна конзола го оддава класичниот британски шарм на автомобил од високата класа. Класиката не важи единствено за забавната електроника во кокпитот. Land Rover се погрижи да направи голем чекор пред конкуренцијата во овој поглед.

Најштедливата верзија троши само 4,5 литри дизел

Под хаубата во почетокот работат бензински Si4 со зафатнина од два литри и турбо-240 КС, како и дизел во два степена на моќност – со 150 КС во TD4 и 190 КС во SD4. Во текот на следната година Land Rover ќе го воведе во понудата и моделот eD4 со мотор со помала зафатнина и исто така 150 КС, но со потрошувачка од само 4,5 литри дизел и емисија на СО2 од 119 грами на километар. Овој модел ќе се нуди само со преден погон и мануелен менувач, наменет првенствено за пазарите каде што давачките при регистрацијата се одредуваат според емисијата на штетни материи. Останатите можности за избор се сведуваат на постојан погон на сите тркала или „Active Driveline“, при што задната оска кај последниов се вклучува самостојно само по потреба. На располагање стои и деветстепениот автоматик од ZF, којшто со комфорот и пониската потрошувачка ја оправдува доплатата од околу 2.250 евра.

Систем за мерење на длабочината на реката

Сите верзии се стандардно опремени со систем за предупредување при напуштање на лентата, нов систем за самостојно запирање при опасност од судир и сé уште необичната заштита за пешаци, со воздушна перница пред ветробранот. На списокот на дополнителна опрема вообичаено за марката се нудат голем број ставки, почнувајќи од проекциски дисплеј до Wade sensing, којшто ја мери длабочината на водата пред возилото, за возачот да знае дали да продолжи или не.

land rover discovery sport 1348979812346Неодамна Euro NCAP ги објави резултатите од последната серија краш-тестови. Во конкуренција со Nissan X-Trail, Lexus NX, Porsche Macan и Kia Sorento, британскиот благороден теренец доби најмногу бодови за заштитата на патниците и за системите за асистенција. Тоа, за среќа, никој не го испроба на голиот мраз на Исланд.

Технички податоци
Land Rover Discovery Sport SD4 HSE Automatik

Должина x Ширина x Висина (m): 4,59 x 2,07 x 1,72
Меѓуоскино растојание (m): 2,74
Мотор: R4, бензински, 2179 ccm
Моќност: 140 kW / 190 КС при 3500 врт/min
Вртежен момент: 420 Nm при 1750 врт/min
Крајна брзина: 188 km/h
Забрзување 0 до 100 km/h: 8,9 ѕ
Просечна потрошувачка: 6,3 литри
Емисија на CO2: 166 g/km (Euro 5)
Празно возило / Носивост: min. 1775 kg / max. 797 kg
Багажник: min. 194 l, нормално 541 l, max. 1698 l
Растојание од подлога: напред 275 mm, назад 212 mm
Агол на пристап: напред 25 степени, назад 31 степен
Агол на рампа: напред 21 степен, назад 20 степени
Понирање во вода: до 600 mm
Тежина на приколка: 2200 kg
Круг на вртење: 11,9 m
Гуми: 235/55 R19
Отпор на воздух: 0,369

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Симфонија во октан-дур: Звукот при палење на 33 автомобилски легенди

Хет-трик на Toyota на извештајот за квалитет на Auto Bild