Прво возење на Renault Twingo: Ова малечко е сериозно забавно

Twingo е Mini и Aygo во еден автомобил. Од првиот ги има стилот и шармот, од вториот цените. Никој друг не го нуди овој спој по разумна цена

Традиционалистите подобро нека замолчат, затоа што повеќе никој не сака да ги слуша. Twingo има погон назад и трицилиндарец назад, пластична хауба … и никогаш не бил подобар.

Пред само десетина години некој да излезеше во јавноста со предвидување дека BMW еден ден ќе премине на преден погон во серијата 1, а Renault ќе користи заден погон и средишно вграден мотор за својот најмалечок модел, светот прво добро ќе му се изнасмееше, па потоа ќе го прогласеше за луд. Човекот сепак ќе беше совршено во право. Французите прејдоа на концептот „сé назад“ кај својот последен модел, претворajќи го Twingo во еден вид на суперавтомобил во својата класа, во Porsche 911 во класата на малечките. Планот на Renault секако дека не е Twingo да го прероди во тркач и спортска икона, туку да го пушти во костец со конвенционалната конкуренција во класата, чиишто основни атрибути одненадеж станаа премногу здодевни.

Главните потези во каросеријата личат на култниот Renault 5

Сите коцки се вклопија кај новиот Twingo. Дизајнот во дел ја цитира линијата на каросеријата на култниот Renault 5, што внесува одредена нота на ретро во имиџот, а за скапото преселување на моторот и на погонот назад се најде на помош новиот партнер Daimler, чијшто Smart Forfour е развиен на заедничка платформа со француското мини. Германците учествуваа и со неопходната експертиза во модерната примена на заден погон во мини класата, додека Renault ќе помогне трошоците во развој на сложената техника да се вратат побрзо преку продажбата што ќе ја постигне Twingo.

Цртите од Renault 5 внесуваат и ретро елемент во појавата на Twingo
Цртите од Renault 5 внесуваат и ретро елемент во појавата на Twingo

Големиот, или поверно, енормниот ангажман во малечкото на Renault се исплатеше – чисто концепциски. Иако е за десет сантиметри покус од невпечатливиот претходник, новиот Twingo нуди за 33 сантиметри подолг простор во патничката кабина. Французите не пропуштија да го применат и вродениот ген за практичност: При соборено совозачко седиште и соборена задна клупа, во кабината собира предмети долги до 2,31 метри, односно внатре може да се смести кутија со шведски мебел на склопување, контрабас, спортска опрема, па дури и да се залегне ако притреба.

Моторот е поставен косо, да не одзема простор

Поставувањето на моторот над задната оска за чудо не го десеткуваше багажникот. Тој има стандарден волумен од 188 литри, односно 219 литри кога клупата ќе се постави под прав агол, и максимално 980 литри кога клупата е соборена. Целата концепција е изведена толку внимателно, што незаинтересираните може и да не забележат дека под рамното дно на багажникот се наоѓа срцето на Twingo. До него се пристапува преку рачно одвртување на четирите завртки, за евентуално долевање масло или проверка на нивото.

Преселувањето на моторот врз задната оска не беше едноставна операција. Половина од деловите на моторот се преработени, моторот е легнат под агол од 49 степени
Преселувањето на моторот врз задната оска не беше едноставна операција. Половина од деловите на моторот се преработени, моторот е легнат под агол од 49 степени

Заинтересираните, пак, ќе направат неколку чекори наназад и ќе се запрашаат како е можно во тесниот простор меѓу подот и најниската точка на возилото да е поставен моторот од 0,9 или 1,0 литар. Можно е, но само со врвна инженерска посветеност. Прво, моторите во Twingo се „легнати“ нанапред под агол од 49 степени, за да одземаат колку е можно помалку простор. Второ, половината компоненти од моторот се модифицирани за косото вградување во Twingo, почнувајќи од капакот на запчестиот ремен, преку системот од црева и цевки за вода и воздух, до комплетниот издувен систем и влежиштувањето на помошните агрегати. Резултатот е за дополнителни 15 сантиметри намалена висина на моторот во вградена положба. Француските техничари дури внеле и дополнителна функционалност, со можноста да се направи генералка на моторот без потреба од отстранување на истиот од возилото.

Крила и хауба од пластика со мемориски ефект

Под лизгачката хауба има само отвори за долевање течности пристап до акумулаторот
Под лизгачката хауба има само отвори за долевање течности пристап до акумулаторот
Што е со просторот под предната хауба? Обидот да се отвори хаубата преку рачка под воланот нема да заврши среќно – затоа што рачка не постои, исто како и хауба во класична смисла. За да се пристапи до просторот во носот, потребно е прво да се тргнат настрана двата пластични штитника, да се ослободи бравата и истата да се отклучи. Хаубата не се подига, туку лизга нанапред, ослободувајќи го пристапот до отворите за долевање средство за ладење на моторот, течност за стакла, течност за сопирачки и до акумулаторот. Возачите што за последен пат ги освежиле познавањата на плац за користени и потпокраднати бугарски мерцедеси сигурно ќе доживеат културен шок од сознанието дека хаубата е пластична, заклучувајќи дека автомобилот мора да е небезбеден. Крилата, инаку, исто така се од пластика. Изборот на материјалот пречи повеќе кај задниот капак. При држење на капакот за краевите се чувствува како истиот се свива. Тоа секако нема да предизвика негово евентуално кршење или оштетување, единствено чувството е непријатно.

Рикверцот може да се заборави покрај малиот круг на вртење

Затоа, пак, пријатно е чувството кога ќе се провери силно пропагираниот мал круг на вртење на Twingo. Со префрлувањето на преносот на сила на задната оска, предните тркала се „ослободија“ од оваа задача и можат повеќе да се посветат на управувањето, поточно на прецизноста и на калибираноста на сервоподдршката. Отсуството на задачата за пренос на сила дозволи и тркалата да се вртат под агол од 45 степени, наспроти вообичаените 30 степени во класата. Иако има едно од најдолгите меѓуоскини растојанија во својот ранг, кругот на вртење на Twingo е за еден метар помал од другите во класата, точно 8,6 метри меѓу тротоар, односно 9,09 метри од ѕид до ѕид. Големиот агол на завртување на тркалата овозможува француското мини буквално да сврти во место, да маневрира без потреба од враќање во рикверц. Тоа е уште една придобивка од задниот погон.

Уште во неколку погледи изненадува техничката зрелост на Twingo. На пример, во управувањето. Верзијата со 90 КС дури поседува и управување со варијабилен преносен однос – при мали брзини, тркалата се вртат со поголема прогресија, и аналогно, при повисока брзина, се враќа нормалниот преносен однос. Тоа уште еднаш укажува дека минито на Renault не е конструирано да биде евтино, туку првенствено да биде солидно. Сржта не е во шминката.

Новиот Twingo ги привлече погледите на белграѓани

Конечно, возењето, диктирано од концептот со заден погон. На првото возење организирано низ улиците на Белград, Twingo прво изненади со тивкото ниво на бучност. Од една страна, напред е невообичаено тивко, покрај фактот што моторот е назад, а од друга страна, просторот за мотор под багажникот е одлично изолиран, така што и на задната клупа не се чувствуваат ниту бучава, ниту непријатни вибрации. Звукот е толку добро придушен што и типичниот трицилиндарски тон на моторот не се чувствува. Единствено се слуша радосно одгласување на моторот кога ќе се притисне повеќе врз гасот.

Впечатлива појава, не само со спортскиот пакет.  Twingo е тренди автомобилче блиско до Mini, но со цена на Renault
Впечатлива појава, не само со спортскиот пакет. Twingo е тренди автомобилче блиско до Mini, но со цена на Renault

Twingo во возењето го посредува чувството што некогаш беше својствено за целата мини класа, радоста во возењето. Со лесното и прецизно управување, единствено во отсуство на малку поголема повратна информација од тркалата, возачот речиси и не може, а да не биде насмеан зад воланот. Секако дека задниот погон влијае и врз одличниот баланс во подвозјето, што се чувствува во секој побрз свијок и воопшто при секоја промена на правецот. Распределбата на тежината на Twingo е како кај спортски автомобил, 45 проценти напред, 55 проценти назад.

Вториот мотор со 90 КС е екстра: Конкурентите обично запираат на 70 КС

Renault вградува два мотора во Twingo, обата со три цилиндри. Посилниот е познат од Clio и Captur, станува збор за TCe 90, со зафатнина од 0,9 литри, турбонатполнење и 90 КС, додека послабиот мотор SCe 70 е комплетно нов, со зафатнина од еден литар, без турбо, со моќност од 70 КС. При кусото излегување на автопат, Twingo со посилниот мотор покажува дека и поголемите брзини не му претставуваат тешкотија и со крајната брзина од 165 km/h и забрзувањето од 10,8 секунди до сто може без проблем да се носи со поголемите и посилни од него, додека послабиот мотор со 70 КС ја нуди „стандардната“ моќност кај конкурентите, каде што првенствено се очекува штедливост во возењето. TCe 90 стандардно е опремен со систем старт-стоп и пратечките мери, како програмирана работа на помошните агрегати, додека кај моторот со 70 КС системот се добива во верзијата Twingo SCe 70 Start&Stop. Според фабрика, градската потрошувачка на последнава верзија изнесува 5,0 литри, на основната верзија 5,6 литри, додека кај посилната верзија со 90 КС е декларирана вредност од 4,9 литри. Колку точно изнесува реалната потрошувачка ќе се покаже при евентуалното подолго тестирање.

Twingo покажува квалитети во возење, не само во стоење

Вистина е пријатно чувството при возењето на Twingo, вклучувајќи го и не премногу тврдото или гласно подвозје. Додека квалитетите на другите модели во класата повеќе се огледуваат во место, минито на Renault ги покажува квалитетите првенствено во возење, во тоа што претставува и основната намена на автомобилот, истовремено поставувајќи репери и во просторноста, во рационалното искористување на просторот и во функционалноста.

Со 90 КС вистински се впрегнуваат талентите на задниот погон во француското мини
Со 90 КС вистински се впрегнуваат талентите на задниот погон во француското мини
Французите не престануваат да изненадуваат: При подигнување на задната клупа се доаѓа до дополнителен простор за одлагање со волумен од триесетина литри, во преградата пред совозачот се наоѓа платнена торбичка што може да се понесе, а под средишната конзола се наоѓа исто така преносна пластична кутија со капак. Нема пропусти и во деталите, како на пример во можноста во џебовите во задните врати да се смести, не едно, туку две шишиња од еден и пол литар, па дури има и преграда со држач за чаша пред задните седишта.
За младешкиот круг на купувачи, како примарна цел на Renault, на располагање стојат повеќе можности за внесување личен печат во возилото, со комбинирање на различни бои за детали од каросеријата, неколку украсни дезени, избор на панорамски покрив од списокот на дополнителна опрема, како и соодветно „бојадисување“ на ентериерот. Поврзувањето со паметен телефон исто така е на високо ниво, дури и освестувачко. Ретко кој производител, освен докажано храбрите, како Renault, порано би дозволиле друга индустрија да им се вмеша на нивниот терен. Францускава марка конечно е една од првите што ги ослободува сите пречки и дозволува полна функционалност на паметен телефон во возилото.

Паметен телефон место застарен и нефункционален дисплеј

Од второто ниво на опрема, кадешто радиото е стандард, следува приспособлив држач за паметен телефон во средишната конзола. На тоа место, телефонот функционира како класичен дисплеј за ракување со дополнителните функции во возилото – единствено што е многу подобар од оние што би ги вградиле производителите на автомобили. Мудро и генијално: Сопственикот не мора да доплаќа за преценет и најчесто застарен „фабрички“ дисплеј, туку го користи оној што веќе го поседува – неговиот паметен телефон.

Конечно вистинска интеграција со паметен телефон - ништо не се доплаќа, полна функционалност, во чекор со времето
Конечно вистинска интеграција со паметен телефон – ништо не се доплаќа, полна функционалност, во чекор со времето
Со симнување на апликацијата, преку дисплејот на телефонот може да се ракува со навигацијата во офлајн модус, со телефонскиот модус, со радиото, како и со патниот компјутер со проширен дијапазон на информации, вклучувајќи бројач на вртежи или советник за еко-возење. Корисна можност е и меморирањето на позицијата на којашто е паркирано возилото, така што подоцна возачот може полесно да го најде истото следејќи ги советите на дисплејот од телефонот. Покрај овој систем со доплата стои на располагање и класичен навигациски систем, со голем дисплеј во средишната конзола и пристап до интернет услугите на сопствениот сервис R-Line на Renault – којшто во основата е голем таблет вграден во кокпитот.

Цените во Србија почнуваат од 8.100 евра, со попустот од 1.000 евра

Цената? Македонскиот ценовник уште не е објавен, но затоа од првото возење во Белград ги имаме за ориентација цените на српскиот пазар. Понудата кај нашиот северен сосед стартува од 8.100 евра, вклучувајќи го попустот од 1.000 евра, за Twingo SCe 70 со основното ниво на опрема Authentique. Во ова ниво следуваат 4 воздушни перници, контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина, контрола на притисок во гуми, патен компјутер, централна брава со далечинска команда и диодни дневни светла. Во повисокото ниво на опрема Expression, точно евра над основното, дополнително се добиваат мануелен клима уред, радио со R&GO, блутут и команди на волан, странични заштитни лајсни, лакирани ретровизори и рачки на врати, електрика на предни прозорци, висинско местење на столбот на управувачот, поделена задна клупа и неколку екстра прегради во кабината. Највисокото ниво Dynamique чини 10.100 евра со овој мотор и вклучува систем за следење лента, магленки, темпомат, електрика и греење на ретровизори, алу-бандажи од 15 инчи, украсни лајсни на каросеријата и детали во хром, висинско местење на возачко седиште и соборливо собвозачко седиште, кожа на волан и на рачка на менувач и повторно екстра прегради во кабината. Разликата меѓу атмосферскиот SCe 70 и турбобензинецот TCe 90 изнесува исто така 1.000 евра, со тоа што посилниот мотор не е достапен со основното ниво.

Интересни опции на списокот на дополнителна опрема, достапна на пример за нивото Dinamique се паркинг сензори (250 евра), автоматска клима (500), пакет Sport (800 евра, со алу-бандажи 16 инчи и стилски додатоци), пакет со поквалитетни звучници (150), платнен покрив (1.000), додека украсните лајсни за индивидуализација чинат по 200 евра.

ГАЛЕРИЈА ОД ПРВОТО ВОЗЕЊЕ НА RENAULT TWINGO

ОЦЕНА НА ТЕСТОТ
Прво возење Renault Twingo
Претходна објаваCadillac се враќа во највисоката лига во 2015 година
Следна објаваПрво возење на Renault Twingo (2. дел): Што нуди конкуренцијата?
%d0%bf%d1%80%d0%b2%d0%be-%d0%b2%d0%be%d0%b7%d0%b5%d1%9a%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-renault-twingo-%d0%be%d0%b2%d0%b0-%d0%bc%d0%b0%d0%bb%d0%b5%d1%87%d0%ba%d0%be-%d0%b5-%d1%81%d0%b5%d1%80%d0%b8%d0%be%d0%b7Французите ја враќаат оригиналноста како пресуден квалитет на автомобилот. Twingo е конципиран сосема различно од другите модели во класата, кадешто тесната рамка за заработка на производителите остава малку или минимален простор за внесување оригиналност. Renault ја искористи експертизата на партнерот Smart и со храбар пристап сепак успеа да креира единствен и препознатлив автомобил, по цена што воопшто не отстапува во конкурентското поле. Задниот погон е основа на задоволството во возењето, како и на рационалното искористување на просторот во кабината. Со идејниот спој и со шармот, Twingo им конкурира и на трендовските претставници во класата на малечките, на Fiat 500 и на Mini, без притоа да ја напушти разумната ценовна рамка. Наскоро следува и спортски ориентираната верзија GT, којашто максимално ќе ги искористи придобивките од задниот погон. Затоа и не може да помине со помалку од максималните пет ѕвездички во оцената.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here