Втората генерација на купе-теренецот на BMW, како наследство од претходникот добива 250.000 продадени примероци. Изгледот е непроменет, моторите имаат до 450 КС, многу новитети има во опремата.
Духовите на традиционалистите на BMW повторно ќе се размрдаат со претставувањето на втората генерација на X6. Околу купе теренецот од Минхен отсекогаш се судирале мислењата. Дури ни Германците не го сакаат толку, колку што тој е обожуван во „поисточниов“ дел од Европа и уште малку повеќе на исток. За едни, X6 е „пимп-мобил“, за други е нашминкана верзија на X5, наменета само да привлекува погледи на улица. Во секој случај, BMWне само што продава, туку го префрли концептот и во еден сегмент подолу, па од X3 го изведе X4.
Баварците откриваат малку првични информации за теренската шестка. Внатрешноста комбинира „раскошен просторен комфор со спортски белези што се специфични за моделот и луксузно изведен амбиент.“ Стилот на BMW X6 може да се нагласи дополнително со посебни пакети за дизајн и опрема, вклучувајќи ги секако и пакетите со знакот на M GmbH.
Во споредба со претходникот, сериската опрема е значително збогатена: Биксенонски светла, алу бандажи од 19 инчи, моторизирано отворање на задниот капак, 8-степен Steptronic со команди на волан, кожени седишта, двозонска автоматска клима и пакет од системи за асистенција. Задната клупа е поделена во сооднос 40:20:40 и со нејзино соборување багажникот расте од стандардните 580 литри на 1.525 литри, што е 75 литри повеќе од претходникот.
На стартот на продажбата во декември ќе стојат на располагање BMW X6 xDrive50i со осумцилиндарец со 450 КС и два дизела, BMW X6 xDrive30d со 258 КС и BMW X6 M50d со 381 КС и тритурбо натполнење. Намалената тежина на X6 и усовршената аеродинамика дополнително се грижат потрошувачката да биде намалена до 22 проценти, при подобрени перформанси. Од следната пролет, моделската гама ќе се надополни со BMW X6 xDrive35i со 306 КС и со BMW X6 xDrive40d со 313 КС.
За подобрување на динамиката на возење стојат на располагање приспособливи пакети за подвозјето, вклучувајќи динамична контрола на перформансите. Овој систем се нуди во пакет заедно со активен систем за спречување на наведнувањето на каросеријата. Уште повисоко ниво на комфор следува со пневматска амортизација на задната оска и со динамична контрола на амортизерите, кои сега се достапни и со адаптивното подвозје на M GmbH. Последново е стандардна ставка кај BMW X6 M50d, односно влегува во спортскиот пакет M за другите моделски изведби на X6.
Опремата натаму набројува приспособливи диодни светла, пристап и стартување без клуч, вклучувајќи автоматско отворање на задниот капак, систем за навигација со сензорско поле за командување, како и врвно озвучување од Bang & Olufsen. Покрај овие опциски ставки, на списокот на дополнителан опрема се наоѓаат и проекциски дисплеј, систем за самостојно возење во колона, автоматско паркирање, панорамски приказ на возилото, системи за пристап на интернет и систем за ноќно гледање.















































