Автомобилистите чекаат нетрпеливо Mazda да ја претстави новата генерација на култниот родстер. По прикажувањето на техничката платформа во Њујорк, сега следуваат и првите рендери што го навестуваат изгледот на новиот модел.
Во почетокот на следната година се очекува Mazda да го прикаже MX-5 од четвртата генерација, наследник на моделот чија што успешна приказна трае уште откако првата серија на родстерот се појави на салонот во Чикаго во 1989 година. Пред неколку недели, на салонот во Њујорк, Јапонците ја прикажаа платформата на идниот модел, заради потсмирување на нетрпението на љубителите на најпродаваниот родстер на сите времиња. Сега доаѓаат и првите рендери на коишто може да се претпостави точната линија на новиот MX-5.
Според најавите на техничарите на марката, моторот ќе биде поставен зад предната оска со што ќе се постигне уште подобар тежински распоред отколку кај претходникот, а во исто време ќе се спушти и тежиштето на возилото. Овие две мери ќе придонесат најмногу за динамичните возни својства на новиот MX-5, кој ќе ја дели платформата со Alfa Romeo. Со примена на челична ламарина со висока цврстина и помала дебелина, тежината на возилото ќе се намали за 100 килограми, така што основниот модел ќе тежи малку повеќе од 1.050 килограми.
Од останатите детали се знае само дека меѓуоскиното растојание ќе се зголеми за неколку сантиметри, заради подобрување на стабилноста, комфорот и просторноста во кабината. Понудата од мотори ќе ги вклучува докажаните погонски единици од генерацијата Skyactiv, со зафатнина од 1,5 литар и моќност од околу 130 КС и од 2,0 литри и околу 165 КС.
Како што може да се види од рендерите, родстерот нема да изгледа како верна копија на Mazda3 и Mazda6 во основните линии, туку се ориентира на едноставни површини и класични пропорции на родстер, со долга хауба и седишта поставени непосредно пред задната оска.
Можен датум за премиерата на новиот MX-5 е следниот февруари, на салонот во Чикаго, на истата локација каде што пред 25 години се појави првата генерација на родстерот. Вообичаено за јапонската марка, продажбата ќе стартува веднаш по премиерата.