Првата серија од новиот Volvo XC90 достапна само на интернет

Примероците од ексклузивната серија First Edition од новиот Volvo XC90 ќе се нарачуваат само преку интернет.

Volvo изработе специјална серија од новиот XC90 којашто е ограничена на 1.927 примероци. Бројката асоцира на годината на основање на шведската фирма. Ексклузивните примероци се продаваат само преку интернет.

„Доколку сакате да бидете меѓу првите што го поседуваат најдобриот спортски теренец на светот, мора да бидете брзи. Имајќи го во предвид огромниот интерес за новиот XC90, очекуваме дека првата серија од моделот ќе се распродаде за брзо време“, нагласува Алан Висер, прв човек во продажбата и маркетингот во Volvo. Со ограничувањето на понудата на ексклузивната серија само преку интернет, Volvo го демонстрира модерниот пристап во секој сегмент во новиот модел.

Возилата од првата серија се препознатливи по нумерираните прагови и по впечатливиот амблем одзади. Под хаубата работи четирицилиндарски дизел од новата генерација Drive-E, со двојно турбонатполнење, моќност од 225 КС и вртежен момент од 470 њутнметри, а менувачот е осумстепен автоматик. Пневматската амортизација е регулирана преку електроника и нуди пет различни програми на работа.

Темната каросерија е во контраст со ентериерот, со кожени седишта во боја на килибар, црна арматурна табла со кожа и украсни панели од ореово дрво. Предните седишта се местат со електромотори и поседуваат вентилација, а највпечатливиот детал во внатрешноста е големиот исправен дисплеј во средишната конзола, којшто потсеќа на таблет, но и функционира слично. Швеѓаните оставија само пет прекинувачи во кокпитот, а сите други функции се достапни преку овој дисплеј. Врвното озвучување во специјалната серија е производ на Bowers & Wilkins, со засилувач од класа D со моќност од 1.400 вати, 19 звучници, сабвуфер според принципот бас-рефлекс и напреден софтвер за модулација на звукот.

Цената на ексклузивниот и суперопремен Volvo XC90 First Edition, ограничен на 1.927 примероци во знак на годината на основање на фирмата,на европскиот пазар изнесува 90.200 евра, додека стандардната понуда на моделот почнува од околу 60.000 евра.

Претходна објаваПремиера за Datsun на салонот во Москва
Следна објаваЗа петочниот муабет: BMW М 535i

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here