за

Пет совети за сочувување на подвозјето на автомобилот

Подвозјето на современите автомобили овозможува пристоен комфор, добри возни својства и секако безбедност. Но, за овие својства да се сочуваат, потребно е да се внимава на одредени навики во возењето и состојбата да се проверува во редовните сервисни интервали.

Недостатоците во подвозјето и управувањето, по дефектите во осветлувањето, се вбројуваат меѓу најчестите забелешки на експертите при техничкиот преглед на возилата. Секако дека бројот и тежината на овие недостатоци се зголемуваат како што се зголемува и староста на возилото. Покрај тоа што се зголемува сложеноста на подвозјето, причина за зачестена појава на дефекти и кај поновите генерации автомобили е во зголемената тежина на возилата, како и во неопходноста од примена на лесна конструкција за оските.

По десеттата година, еден од десет автомобили има проблеми во подвозјето. Водењето на тркалата, оските и управувањето станаа мошне сложени компоненти во поновите возила. погрешните навики при возењето и недоволното одржување честопати водат до ослабување на возните својства и сериозно намалување на возната безбедност. Овие проблеми може да се избегнат, доколку се постапува внимателно во одредени ситуации и доколку подвозјето се проверува редовно во сервисните работилници.

Тротоари: Најчеста причина за оштетување на подвозјето е грубиот контакт со тротоарот. Тоа е штетно за гумите и за бандажите, но и за сферичните зглобови во попречните водилки на тркалата и во споните. Во последните години зачестуваат овие проблеми, затоа што гумите добиваат сé понизок профил. Честопати се случува самиот бандаж да удри во тротоарот, место само гумата. Соодветно на тоа се поголеми и оштетувањата од ударот.

Ударни дупки: Тие го имаат добиено името по ударите што возачите и патниците порано ги чувствуваа при поминување преку дупките на патот. Подвозјето на денешните автомобили филтрира поголем дел од ударот. Но, тоа што возачите и патниците порано го чувствуваа на своите коски и нерви, денес го „чувствуваат“ деловите од подвозјето. Тие ги издржуваат оптоварувањата, но не и безгранично. Најпогодени се попречните водилки и гумените чаури. Дали ќе се замени само чаурата или целата водилка, зависи од модел до модел. Во сервисните работилници, обично се заменува целата водилка.

Теренско возење: Погонот на сите тркала и блокадата на диференцијалот кај некои автомобили укажуваат дека станува збор за возило што е способно за возење по терен. Логично е дека со овие модели полесно се совладуваат и лошите патишта. Но, никој не треба да верува дека честото возење во теренски услови не остава траги врз водењето на тркалата. Некои производители пропишуваат покуси сервисни растојанија доколку автомобилот често се вози по неасфалтирани патишта. Но, проверката треба да се направи и надвор од пропишаните сервисни растојанија. Тоа се однесува особено во случаи кога се слушаат предупредувачки звуци, како тропање.

Амортизери: Нивното име кажува се. Тие треба да ги амортизираат, односно да ги придушат ударите. Доколку тоа не се случува, ударите од нерамнините во подлогата се пренесуваат директно на водењето на тркалата. Бидејќи амортизерите стареат незабележливо, возачите обично се навикнуваат на сменетото однесување на возилото. Сервисната работилница ќе провери дали е потребна замена на амортизерите. Новите амортизери не само што го растоваруваат подвозјето, туку претставуваат и важен безбедносен аспект. Доволно е амортизерите да се истрошени половично, за возните својства да се сменат драстично.

Вертикални стабилизатори: Кога амортизерите се истрошени, водилките што го спојуваат амортизерот со попречниот стабилизатор се особено оптоварени. Овие чувствителни делови се оптоваруваат при странично навалување на возилото и обично се меѓу првите делови од подвозјето што се расипуваат. Во тој случај се слуша силно тропање. Поправката обично не е прескапа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Макпетрол отвори нова станица за горива во скопска Пинтија

Моделско освежување за Seat Leon и најава за два нови модела