Улицата е најдобриот продажен салон на Porsche. Тоа што издржа да мирува една вечер пред публиката во чест на отворањето на новиот салон за спортската марка во Скопје, веќе следниот ден беше пуштено да ги докаже своите доблести по автопатиштата околу градот: Петорка од Porsche, почнувајќи од 718 Boxster S со 350 КС, до класичарот 911 Turbo S со 580 КС.
Порше Македонија организираше пригодно одбележување на отворањето на новиот салон за Porsche во Скопје, со пробни возења на избраната моделска петорка којашто во вечерта на отворањето се појави во своевидна улога на домаќин за бројната публика на најпознатата и веројатно најредовно посетувана автомобилска локација во државава. Секако дека имиџот на Porsche не е стекнат со дефилирање на возилата во салон, туку со докажување на асфалт, па соодветно на тоа, домаќинската автомобилска петорка веќе во наредниот беше понудена за куси тест возења за медиумите.
Новиот Boxster, отсега дополнително со бројчената ознака 718, во чест на славниот четирицилиндарски модел од тркачкото минато на Porsche, прв се понуди за тест возење, отсега со четири место со шест цилиндри, но затоа со турбонатполнење и со уште поголема динамика во споредба со претходникот. Нормално дека откажувањето од два цилиндра не повлече откажување и од заштитниот конструкциски принцип на моторите на Porsche, на боксерот. Тоа е впрочем впишано и во името на моделот, Boxster. Родстер изведбата од основниот модел во понудата на марката од Цуфенхаузен е достапен во две верзии, стандардна 718 Boxster, со дволитарски турбо-боксер со 300 КС и 718 Boxster S со двоиполлитарски боксер, со 350 КС и варијабилна геометрија на турбината.
Првиот Boxster пред 20 години ја спаси марката и ја спаси иконата 911
Отворениот двосед се појави за првпат пред дваесет години и наиде на остри критики од бранителите на традицијата на Porsche, но факт е дека токму дополнителниот поттик во продажбата на Boxster ја спаси марката и ја спаси иконата Porsche 911. Некои кругови и натаму го сметаат Boxster како дамско Porsche, но овие кругови или немаат никаква врска со Porsche или воопшто не ги познаваат жените.
Преоѓањето на два цилиндра помалку беше извршено единствено заради исполнување на строгите норми за издувни гасови. Нормално дека Porsche не си дозволи новиот Boxster да биде регрес во споредба со претодникот. Во посилната верзија 718 Boxster S, отворениот двосед вози со 350 КС и по само неколку мигови наведува да се заборави дека одзади работи турбо-мотор. Натполнењето е изведено толку совршено, што турбокомпресорот буквално ја заменува „одземената“ работна зафатнина, место да произведува експлозивно и неприродно ослободување на моќ.
Не постои четирицилиндарец што може да произведе побрутален звук
Дури и од аспект на звукот, инженерите се погрижиле да го „прикријат“ турбото, коешто по принцип го придушува и го затапува звукот на моторот. Забрзувањето е импресивно, без разлика дали се испробува „лансирната рампа“ или педалот за гас се притиска до долу кога ќе се ослободи лентата за престигнување, за Boxster S да продолжи да забрзува со интензитет каков што обичните автомобили го добиваат при старт од место, „во прва“. Сето тоа е проследено со соодветно звучно доживување, коешто дополнително тера моторот да се вознемирува постојано со притискање на гасот.
Секој обид за провоцирање на лизгањето на опашот, што е во редовната програма на вежби на секој човек што се „зафатил“ да биде љубител на Porsche, успешно се реализира во контролирано движење, коешто со координирано дејство преку одземањето на воланот и додавањето гас може да се изведува исто толку прецизно колку што диригент го координира својот оркестар.
Хибридната Panamera ја пренесува динамиката на Porsche во џентлменски манир
Комплетно поинаков карактер покажува вториот модел на кусото тест возење. Хибридната Panamera ја постигнува динамиката својствена за марката без потреба возачот премногу да се возбудува околу тоа. Доколку се избере соодветната програма, а тоа значи еден од модусите на хибридниот режим. По желба, секако дека и оваа „цивилна“ верзија на Porsche ќе го покаже генетскиот запис во себе.
Новата генерација на Panamera стартува со продажба во ноември, додека хибридот 4 E-Hybrid штотуку доживува премиера на салонот во Париз и ќе се појави во продажба во април следната година, така што спортската лимузина во верзија со две срца на оваа почесна тура во знак на отворањето на салонот на Порше Македонија мораше да се докажува во примерок од актуелната, прва генерација.
416 КС во комбинација со потрошувачка од реални пет литри
Погонската спрега со Panamera S E-Hybrid ја сочинува шестцилиндарец во V, со натполнење со механички компресор, зафатнина од три литри и моќност од 333 КС, во комбинација со електромотор со 95 КС, што дава системска моќност од 416 КС и вртежен момент од 590 њутнметри. Оваа моќност се пренесува на задните тркала преку осумстепен Tiptronic S. Во споредба со стандардната изведба на Panamera S, хибридот тежи околу 245 килограми повеќе, односно 2.055 килограми. Дополнителната тежина не се рефлектира ниту во комфорот на амортизацијата, ниту во возните својства. Објаснувањето за тоа е мошне едноставно: Пневматска амортизација со безстепена промена на чувствителноста.
Литиум-јонските батерии со капацитет од 9,4 киловатчасови се вградени во багажникот и ја намалуваат неговата зафатнина за 110 литри, на 335 литри. Под левото предно светло е сместена контролната електроника којашто од еднонасечен напон од 288 волти произведува трифазна струја, којашто го снабдува електромоторот поставен меѓу менувачот и моторот. Моторот 3.0 V6 TFSI со механички компресор потекнува од Audi.
Потрошувачката според фабрика изнесува 3,1 литри на сто километри, што се однесува на првите сто километри пат, со полни батерии. Според податоците што ги меморира патниот компјутер, при градско возење, хибридната Panamera троши околу 5 литри, додека при подинамични етапи по автопат, потрошувачката се движи околу 12 литри. Тоа е сосема очекувано, покрај „градската“ природа на хибридот.
Меѓу 18 и 36 километри со едно полнење на батериите – доволно и за цел ден
За разлика од останатите хибриди, Panamera е развиена како паралелен хибрид, што поедноставено значи дека спортската лимузина секогаш поаѓа на струја – доколку батериите се доволно полни за тоа. По 2,5 часовно полнење на 380 волти, во зависност од умешноста на возачот, S E-Hybrid ќе мине чисто на струја меѓу 18 и 36 километри. Во новата генерација, Panamera 4 E-Hybrid ќе вози до 50 километри со полни батерии.
Единствено е чувството кога само со енергијата во батериите ќе се постигнат 135 километри на час. По такво темпо, на батериите ќе им биде потребно повеќе време додека вратат душа. Постојат неколку модуси, вклучувајќи и E-Charge, кога полнењето на батериите се случува и без користење на дејството на инерцијата, на сметка на зголемување на потрошувачката на гориво, но тоа дополнително потрошено гориво ќе се надомести брзо доколку овој модус се вклучи непосредно пред пристигањето во град, кадешто движењето на Panamera S E-Hybrid ќе се одвива првенствено со електромоторот.
Новата хибридна Panamera штотуку доживува премиера во Париз
Новата верзија на Panamera со две срца, сега со ознака 4 Е-Hybrid, штотуку дебитираше на салонот во Париз. Досегот на чисто електричниот погон е зголемен на 50 километри, а место на задните тркала, погонот сега е на сите тркала. Моторот 3.0 V6 TFSI е заменет со нов 2,9-литарски V6 со битурбонатполнење, 330 КС и 450 њутнметри, електромоторот располага со 136 КС и реагира „уште при допирање на педалот за гас“, како што шефот Оливер Блуме вети при денешното деби на салонот покрај Сена. Системската моќност сега изнесува 462 место 416 КС, вртежниот момент 700 место 590 њутнметри, спринтот до сто трае 4,6 секунди, крајната брзина е зголемена на 278 километри на час.
Хибридот е веќе совладан во целост во Porsche, следниот предизвик е сериската верзија на Mission-E, а таа ќе вози само на струја.
[FAG id=25585]























