Во шпанската марка на Volkswagen очигледно се среќни што конечно добија теренски модел и го на салонот во Париз го покажуваат тоа со Ateca X-Perience, со цел да се нагласат теренските способности на моделот.
Според шефот за развој во Seat, Матијас Рабе, концептот X-Perience „укажува на можностите и потенцијалот што во себе ги крие Ateca.“ Постои веројатност X-Perience наскоро да се појави како дополнителна верзија во гамата на Ateca и во тој случај ќе биде избор на купувачите што сакаат викендите да ги искористат за авантури и пристапување до терени што претставуваат поголем предизвик за техниката и секако за возачот.
Настрана од стилските вежби во форма на заштита на подвозјето, којашто кај концептот од салонот повеќе е од украсна природа, Ateca X-Perience располага со неколку програми за избор на работата на погонската спрега и подвозјето, со посебни модуси за возење по снег или по терен, како и со неколку програми, почнувајќи од „нормална“ и „еко“, до „индивидуална“, кадешто возачот сам ги избира дотерувањата на различните параметри. На тоа се надоврзуваат и зголемено растојание од подлогата, бандажи од 18 инчи, пневматици со оптимиран теренски профил, покрута амортизација и теренски оптимирана контрола на тракција XDS.
Виртуелна конференција за печат и нов слоган „Создадено во Барселона“
Seat ја искористи презентацијата на возилото за објавување на новиот слоган „Создадено во Барселона“, но и за одржување виртуелна конференција за печат. Новинарите ги следеа снимките на специјални очила, седејќи на подвижни столици. На тој начин се стекуваше впечаток дека се „присуствува во центарот на збиднувањата, место истите да се набљудуваат отстрана“. За виртуелниот ефект да се комплетира, слушалките пренесуваа соодветни звуци.
На конфигураторот за Ateca на интернет страницата на Seat досега се направени над еден и пол милион конфигурации на моделот. За Ateca се пристигнати 21.000 нарачки, а за моделот се информирале 39 милиони посетители на интернет страниците на Seat. Во следната година пристига фејслифт на Leon, а се очекува и петтата генерација на Ibiza, по што ќе следува и малечкиот теренец Arona. Подолго време се шпекулира и дека во гамата на Ateca ќе се најде спортска верзија Cupra.


















