Среќниците што возеле и што возат Lotus знаат. Тркачите на британската марка се брзи и подвижни како мотоцикл. Тоа сега може и да се провери. Светот го доби првиот мотоцикл со знакот на Lotus.
Мотоциклот со моделска ознака C-01 го носи знакот на британскиот специјалист за спортски и тркачки автомобили, но е произведен во Баварија, во фирмата Kodewa. Оваа фирма е основана во 2000-та година и досега има изработено неколку тркачки модели за Lotus, меѓу другото и болиди во формула 1.
Мотоциклот на Lotus го следи принципот на автомобилите на куќата – малку тежина, многу коњски сили. Без течности, мотоциклот тежи 181 килограми. За тоа придонесува рамката од карбон, титан и авионски челик. Покрај тоа, целиот оклоп на C-01 е изработен од карбон. Душата на мотоциклот ја дава 1,2-литарски V-Twin со сооднос меѓу пречникот и одот од 105 х 69 милиметри, што укажува на големо расположение на моторот за високи вртежи. Подмачкувањето е со сув картер. Lotus наведува дека моторот располага со 200 КС.

Предната гума со димензии 120/70 х 19 е водена од вилушка со работен όд од 80 милиметри, додека за водењето на задната гума со димензии 190/55 х 17 се грижат два амортизера со 70 милиметри όд и алуминиумска осцилирачка водилка. Предниот сопирачки диск со пречник од 320 милиметри работи со четириклипна клешта, назад има двоклипна клешта и диск од 220 милиметри. Во резервоарот собира скромни 10,5 литри гориво.
Со меѓуоскиното растојание од 1.645 милиметри и висина на седење од 710 милиметри, едноседот C-01 е споредлив со мотоциклите на Harley, но седењето е многу поспортско со држачите за нога што се поставени напред и со спуштениот волан.
Мотоциклот C-01 ги носи типичните комбинации од бои на Lotus: Црно-златна, жолто-зелена и бела во стил на Martini Racing. Цените на C-01 не се наведуваат, но веќе однапред може да се претпостави дека се работи за астрономски суми. Мотоциклот на Lotus ќе се изработи во ограничена серија од 100 примероци.
















