Луѓето некогаш се подготвени на сé кога ќе се најдат под удар на глад. Тоа важи за сите возрасти, па и за најраната. Осумгодишник од Ист Палестајн во американската сојузна држава Охајо ги искористил лекциите за возење научени на YouTube за со автомобилот на својот татко да се одвезе до блискиот ресторан за брза храна. Подвигот сепак не минал незабележано.
Возењето автомобил очигледно не претставува тешкотија за „идниот“ подмладок зад воланот. Барем така покажува случајот во американската сојузна држава Охајо, кога осумгодишник го позајмил автомобилот на татка си, за заедно со својата четиригодишна сестра да се одвезат до блискиот ресторан за брза храна. Настанот се случил во минатата недела околу осум часот навечер.
Таткото го минал денот работејќи напорно и легнал рано, а мајката седела на софата заедно со децата, но и таа заспала. Во тој момент, на децата им се укажала шанса. Сведоци го забележале осумгодишниот возач во службениот ван на таткото и повикале полиција.
Детето извозело речиси два километри од домот до ресторанот на McDonald’s, минувајќи четири крстосници и неколку железнички премини, со четири скршнувања вдесно и едно скршнување влево. Според сведоците, малечкиот непослушко се однесувал сосема коректно во сообраќајот и ги испочитувал сообраќајните знаци и брзинските ограничувања.
Откако децата пристигнале во ресторанот, семеен пријател кој во тоа време уживал во својот оброк им се јавил на нивниот дедо. Децата успеале спокојно да ги изедат своите чизбургери пред да пристигне полицијата. Осумгодишникот им се пофалил на службените лица дека возењето го совладал гледајќи видеа на YouTube.
Во оваа не толку безопасна детска авантура, никој не е повреден. Но, возењето сосема извесно ќе му биде ускратено на нетрпеливиот почетник-возач во следните осум години.
















