за

Освежени кабриолетот и купето од класата Е на Mercedes

6. MERCEDES E CLASS, продадени примероци 4,711 (-31.0%)

Со купето и кабриолетот од класата Е се комплетира обновувањето на моделската понуда на моделот од вишата класа на Mercedes, кое што е најобемно и најскапо во историјата на марката.

Скапата инвестиција за моделското освежување на класата Е не се сведува само на промените во изгледот на возилото. Најголемиот дел од парите се потрошија во единаесетте системи за асистенција и во оптимизирањето на моторите. Но, и новиот изглед е вреден за око. Во споредба со елегантната, но сепак невпечатлива појава на претходниците, купето и кабриолетот оставаат многу поубедлив впечаток и подобро се вклопуваат во друштво со поновите генерации модели на Mercedes.

За агресивност во изгледот и натаму не може да се зборува, тоа сепак не одговара на имиџот на престижната марка, но затоа може да се зборува за динамичност. Големата ѕвезда е интегрирана со дебелата попречна лајсна во спортската маска, додека масивноста на отворите за воздух во долниот дел од браникот се нагласува дополнително со хромираната пречка која се протега по целата ширина.

Уште посилна импресија побудуваат светлата кои што го зачувуваат препознатливиот изглед со четири очи на класата Е, под заедничко стакло. Над секој од двата светлечки елементи има по една лента од светлечки диоди, како филигрански детали во изгледот. Собореното светло и позициското светло исто така користат светлечки диоди, а со доплата, новата техника може да се добие и за долгото светло, во пакет со системот за интелигентно осветлување, кој вклучува и автоматика за долго светло, односно самостојно соборување на светлосниот сноп и спречување на заслепувањето на возачот во возилото што наидува.

Ако се доплати и за некој од пакетите AMG, а тоа има сé повеќе смисла во поновите генерации на модели на Mercedes, се добиваат спортски прагови, впечатлив заден браник со дифузор, но и спортско подвозје, бандажи од 18 или 19 инчи и спортски издув. Тоа соодветствува со спортските амбиции кои што ги негува страничната линија на возилото. Вториот раб кој се протега по целата должина на каросеријата, од предното до задното крило, за да заврши во задното светло, како да сака да проговори дека овој автомобил во секое време е подготвен за скок, за забрзување и за демонстрирање на надмоќта.

Моќта и надмоќта се работа на моторите. Понудата од мотори опфаќа три дизели и шест бензинци. Дизелите покриваат дијапазон на силини од 170 КС во E 200 CDI до 252 КС во E 350 BT. Основниот модел кај бензинците е E 200 со 184 КС, а врвот е резервиран за Е 500 со осумцилиндарец во V и 408 КС. Поблиску до вториов е моторот V6 со битурбо натполнење и 333 КС во Е 400, со просечна потрошувачка од 7,6 литри бензин и забрзување до сто за 5,3 секунди.

Двата помали дизели и основниот бензинец работат во комбинација со мануелен менувач со шест степени, а кај сите други модели работи познатиот 7G-Tronic Plus, како еден од најсовршените автоматици на денешницата.

Во внатрешноста владее спортска атмосфера. Врвната изработка, врвните материјали и педантно изведените детали се соединуваат во пријатен амбиент во чие што средиште се наоѓа возачот. Кој сака спортски волан на AMG или арматурна табла обложена со кожа може да ги избере овие ставки од списокот на дополнителна опрема.

Кај кабриолетот дополнително стои на располагање пакетот за комфор, со дувалки за топол воздух во потпирачите за глава, со насочувач на воздухот кој се подигнува при 40 километри на час од горниот раб на ветробранот и со ветерна брана зад потпирачите за глава на задната клупа. Сето тоа овозможува да се ужива во возењето на отворено и при повисоки брзини и пониски температури. Ако стане премногу студено или премногу бурно од ветерните струи, секако тука е повеќеслојниот платнени покрив, со акустична и топлинска изолација.

Исто како кај лимузината и комбито од класата Е, кабриолетот и купето може да се доопремат со напреден пакет за безбедност, кој вклучува радарски темпомат со самостојно сопирање и забрзување, систем за следење лента со активно повлекување на воланот, сопирачки При-Сејф со активна заштита за пешаци, BAS Plus со асистенција за крстосница и активен систем за надгледување на мртвите агли.

[box type=”shadow” ]Технички податоци

Mercedes-Benz Cabriolet E 200

Должина x Ширина x Висина (m): 4,70 x 1,79 x 1,40

Мотор: Четири цилиндри, бензин, 1796 ccm, директно впрскување, турбо

Моќност: 135 kW / 184 КС при 5500 врт/min

Вртежен момент: 270 Nm меѓу 1200 und 4000 врт/min

Потрошувачка (просек според EU норма): 6,5 – 6,4 L/100 km

0 – 100 km/h: 8,6 секунди

Крајна брзина: 235 km/h

Празно возило / Носивост (maximal): 1705 kg / 470 kg

Багажник: 300 – 390 l

Цена во Македонија: 53.160 евра[/box]

[nggallery id=38]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari ќе ја смали продажбата заради поголема ексклузивност

Hyundai произведува со енергија од сонцето