Skoda Popular, Rapid и Superb во оваа година ќе ја одбележат 80-годишнината. Моделското трио од 1934 година ги постави темелите за издигнувањето на Skoda на чешкиот пазар.
Три нови модели на чешката марка Skoda во 1934 година ги одушевија експертите и публиката со нивните конструктивни решенија. Место носечка рамка, којашто беше вообичаена кај автомобилите од тоа време, новото трио на Чесите имаше централна цевна рамка. Оттогаш започна издигнувањето на Skoda. Две години подоцна, со околу 3.000 продадени возила, Skoda за првпат се искачи на врвот на продажбата на автомобили во тогашната Чехословачка. Голем успех се постигна и на извозните пазари.
Со моделот Popular од февруари 1934 година, Skoda за првпат претстави модел којшто покрај бројчената ознака имаше и сопствено име. Popular беше лесен и евтин автомобил, достапен во повеќе каросериски изведби. Покрај лимузината се нудеше и верзијата со две врати Tudor, како и полукабриолет, родстер со две седишта, па дури и верзија за достава на стока. До 1946 година се продадоа преку 20.000 примероци од Popular, од коишто 6.000 се извезоа во 50 држави, вклучувајќи ги Кина, Индија, како и африканските и јужноамериканските држави.

Во 1934 година доживеа премиера уште еден модел на Skoda. Како поголем брат на Popular, Rapid беше новитет во понудата на Skoda во средната класа. Под хаубата работеше четирицилиндарец од 1,2 литар со моќност од 26 КС. Во првата серија се произведуваа каросериската изведба со две врати Tudor, лимузината со четири врати и полукабриолетот со две врати. Најпроизведуваната верзија поседуваше мотор од 1,4 литар, додека најсилниот модел, којшто остана во производство до 1947 година користеше мотор од 2,2 литри. Skoda продаде вкупно 7.000 примероци од овој модел.

Годината плодна со новитети заврши кон крајот на 1934 година со претставувањето на моделот 640 Superb. Сериската продукција започна во март следната година. Оттогаш името Superb стана синоним за најпрестижните возила од Млада Болеслава. За цивилниот пазар се произведоа околу 600 примероци до 1949 година. Најпродаван модел беше лимузината препознатлива по шесте странични прозорци. Понудата ја дополнуваа лимузината и кабриолетот.
















