Кабриолетите се нудат во сите форми и сите големини, но кои од нив најбрзо го собираат и креваат покривот? „Најбрзиот“ кабриолет ја изведува трансформацијата за само 10 секунди. На некои им е потребно и трипати повеќе време.
Нема поубаво возачко доживување од релаксирачкото крстосување со спуштен покрив во екот на летната сезона. Но, летото некогаш крие изненадувања и тогаш е подобро да се размислува повторно за покрив над главата. За среќа, летното невреме обично трае кратко и покривот се враќа на местото кадешто возачите на кабриолети сакаат тој да остане колку е можно подолго. Затоа е важно трансформацијата на кабриолетот од режим за заштита во режим за уживање да трае кусо.
Кај некои родстери коишто до крајна мера го почитуваат начелото на својата сорта, како Mazda MX-5 и нејзиниот брат Fiat 124 Spider или Lamborghini Aventador Roadster, возачот мора рачно да го отстранува и повторно да го поставува покривот. Кај повеќето други кабриолети и родстери, за таа цел на возачот му стои на располагање копче, коешто потоа препушта електрохидрауликата да ја заврши целата работа. Тоа може да трае мошне кусо.
Десет секунди е најбрзото време за преоѓање од режим за уживање во режим за заштита
Постојат само три модели во актуелната понуда, кадешто покривот исчезнува и повторно се појавува за само десет секунди. Овие шампиони во трансформација се Porsche 918 Boxster, Volkswagen Beetle Cabriolet и Audi TT Roadster. Не случајно, тројката потекнува од истиот концерн и не случајно зад оваа брзина стои голема заедничка експертиза. Само две секунди подолго трае спуштањето на покривот кај Smart Cabrio и Jaguar F-Type. Оваа процедура кај градското автомобилче може да се изврши дури и при максималната брзина, благодарение на малите димензии на покривот и секако конструкцијата на истиот. Кај останатите е вообичаено брзината да се спушти меѓу 40 и 60 километри на час за покривот да може да „падне“. Третото место му припаѓа на Porsche 911 Cabriolet, со само 13 секунди за промена на карактерот.
Шансата да се накисне на ненадеен дожд е поголема кај Maserati GranCabrio и Bentley Continental, на коишто им се потребни 28, односно 25 секунди додека педантно изработениот платнен покрив се собере зад седиштата. Во кабриолети од овој ков, сепак е полесно возачот да ги прости неколкуте секунди што дополнително се потребни за ракувањето со покривот. За уживањето секако дека повеќе се пресудни други фактори.
Ова се шампионите во најбрзо спуштање на покривот
Марка и модел | Секунди | |
1 | Audi TT, Porsche 718 Boxster, Volkswagen Beetle | 10 |
2 | Jaguar F-Type, Smart Cabrio | 12 |
3 | Porsche 911 Cabriolet | 13 |
4 | Aston Martin Vantage, Aston Martin Vanquish Volante, Ferrari 488 Spider, Ferrari California T | 14 |
5 | Mercedes-Benz SLC | 16 |
6 | Audi A5 Cabriolet, Lamborghini Hurracan Spyder | 17 |
7 | Audi A3 Cabriolet, Mercedes SL, Mini Cabriolet, Range Rover Evoque Convertible | 18 |
8 | BMW Z4 | 19 |
9 | Audi R8 Spyder, BMW 2-, 4-Series Cabriolet, Chevrolet Camaro Convertible, Mercedes C-, E-, S-Class Cabriolet, Nissan 370Z Roadster | 20 |
10 | Chevrolet Corvette Convertible | 21 |