за

Ова комбе е подобро и од Mercedes од 600.000 евра

Mercedes вели дека најголемата лимузина на марката не е класата Ѕ, туку класата V. Но, во верзијата што ја изработува Brabus, ова комбе се претвора и во најлуксузна лимузина на Mercedes.

Нешто е поразлично на овој голем Mercedes, нешто го прави поблагороден од останатите примероци од неговата сорта, ама и поспортски. Добро извежбано око на фан на Mercedes за златен медал веднаш ќе препознае дека страничните отвори за воздух во предниот браник се заменети со дизајнерски парчиња со дополнителни дневни светла со светлечки диоди. Под браникот исто така има дополнителен спојлер, којшто има задача да создава притисок врз предната оска при високи брзини.

Задниот браник е изработен во три дела, со по две издувни цевки на секоја страна и средишен дел со изглед на дифузор на спортски автомобил. Голема заслуга за облагородениот изглед имаат и бандажите од 19 инчи во препознатлив „моноблок“ дизајн, со гуми со димензија 255/40 ZR 19. Веќе е јасно, станува збор за Brabus, тјунерската работилница што ужива најголема почит меѓу специјалистите што прават Mercedes да биде уште повеќе Mercedes.

Плус 45 коњски сили и 70 њутнметри за дизелот од 2,2 литри

Инженерите за подвозје на Brabus го преработија подвозјето заради натамошно подобрување на динамиката и безбедноста, првенствено со вградување спортски пружини, со коишто комбето се спушта за 15 до 25 милиметри, зависно од моделската изведба што се користи како основа за тјунингот. Автомобил од Brabus не може излезе без „чепнат“ мотор, па така и во случајот на класата V. Четирицилиндарскиот дизел од 2,2 литри во Mercedes V 250 BlueTec тука добива плус 45 КС и плус 70 њутнметри, со користење на класичен чип-тјунинг.

По желба и со соодветна доплата, Brabus ќе го претвори ентериерот во комплетна работна канцеларија на тркала, со компјутери, масажни седишта, па веројатно и џакузи
По желба и со соодветна доплата, Brabus ќе го претвори ентериерот во комплетна работна канцеларија на тркала, со компјутери, масажни седишта, па веројатно и џакузи

Дотераното комби постигнува вртежен момент од 510 њутнметри меѓу 1.400 и 2.400 вртежи, што гарантира суверено повлекување во секоја ситуација, а со моќноста зголемена на 235 КС од стандардните 190 КС, овој Brabus забрзува до сто за 8,8 секунди и продолжува до 210 km/h. Според овој тјунер од германскиот Ботроп, потрошувачката останува на стандардно ниво, исто како и емисијата според Euro VI.

Чоколадна страна на ова комби или поверно лимо-ван сепак е ентериерот. Во сопствената кожарска работилица на Brabus може да се изработи дури и најлуксузен ентериер, со најскапа кожа и според секакви желби на купувачот. Во предвид доаѓа и примена на алкантара, на мека мастик-кожа во секаква боја, исто како и апликации од благородно дрво и вистински карбон. Сопственикот може да нарача специјален поздрав од возилото при секое пристапување, со осветлени алуминиумски прагови со лого на Brabus, коишто ја менуваат бојата од црвено во бело.

Посебно доживување нуди бизнис-забавниот систем со два дисплеја од по 15,6 инчи, коишто се вградени беспрекорно во таванот и оттаму ја пренесуваат сликата од Apple-TV, од Blu-Ray или од дигитален сателитски приемник. За секој патник стојат на располагање и врвни слушалки произведени во Sennheiser. Бежична интернет мрежа и конекција 4G ја покриваат целата кабина, вклучувајќи и можност за поврзување паметен телефон или таблет. Во страничните столбови има вградено „touchpad“, за отворање и затворање на завесите, за отворање на лизгачката врата или за активирање на мониторите, светилките или греењето во седиштата.

Сé тоа е во ред, само уште цената. Уште таа да беше позната, ќе беше уште подобро. Brabus не ги објавува цените, туку ги става своите клиенти на тест на храброст. Кој сака, и кој мисли дека може, нека повели. Mercedes од 600.000 евра е најмал проблем.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Moto Guzzi Eldorado: Живот во луксуз на две тркала

Ford стартуваше со производство на лимузинска Fiesta во Татарстан