за ,

Норвешка ќе дозволува само електрични нови возила по 2025 година

електрични автомобили норвешка

Норвешка им покажува црвен картон на автомобилите со бензински и дизел мотори. Од 2025 година, во скандинавската земја ќе може да се регистрираат само возила со електричен погон.

Водечката земја во електромобилноста во светот ќе направи уште еден чекор напред во следните години и целосно ќе се ориентира на електричниот погон. Од 2025 година, во Норвешка ќе се продаваат само возила со погон на струја. Се очекува уште Парламентот да го одобри овој план. Во моментов, едно од четири новорегистрирани возила во кралството се движи на струја, а електричните возила учествуваат со три проценти во вкупниот возен парк на територијата од Осло до Киркенес.

Актуелниот продажен хит на норвешкиот пазар, Volkswagen E-Golf, со државните субвенции е за околу 9.000 евра поевтин од споредлив модел со бензински мотор
Актуелниот продажен хит на норвешкиот пазар, Volkswagen E-Golf, со државните субвенции е за околу 9.000 евра поевтин од споредлив модел со бензински мотор

Покрај автомобилите, ќе се овозможи и електричните велосипеди да постигнат поголем удел во сообраќајот, со цел да се намали загаденоста на воздухот со штетни материи. Сообраќајниот план за периодот меѓу 2018 и 2029 година предвидува вложување една милијарда евра во изградба на мрежа од велосипедски патеки, иако нерамната конфигурација на теренот и долгите зимски ноќи не се совршен услов за возење велосипед во скандинавската земја. Но, токму електричниот погон на велосипедите овозможува полесно да се совладуваат и нагорнините. До 2030 година, емисијата од сообраќајот ќе се намали за половина во споредба со сегашните вредности. Покрај тоа, се планира користењето на автомобилите да не се интензивира понатаму до 2030 година.

За првпат во плановите за електромобилноста се вклучуваат и товарните возила. Во 2030 година, според плановите, сите доставни возила и 75 проценти од туристичките автобуси ќе возат на струја, односно или со погон на батерии или со погон на водород. До овој рок, половина од камионите исто така ќе се префрлат на електричниот погон. Од амбициозните планови не се исклучени ниту бродовите. Во следните 14 години, четириесет проценти од бродовите на куси релации ќе треба да преминат на биогориво или на погон со ниска или нулта емисија на штетни материи.

Норвешка планира сето тоа да го реализира и покрај скусувањето на поволностите за возачите на електрични автомобили. Државните субвенции во прво време ќе се задржат на актуелното ниво, но и тие постепено ќе се намалуваат со текот на годините. Истото ќе важи и за градската патарина, којашто ќе почне да се наплатува и за електричните возила. Моментно овие возила смеат бесплатно да ги користат сите паркиралишта. Во иднина ќе се воведат класи според коишто ќе се наплатува паркингот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. А, аирлија. Па и на наша глаа. Некни глеаф и нија че сме клајле таквија колој, ама рокот бил до 2500 година. Кој чека, ќе дочека ми, како !

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Qashqai стана најпроизведуван модел на Nissan во Европа

По Honda NSX доаѓа редот и за NSX Type-R