за ,

Норвешка достигна 100.000 автомобили со електричен погон

Скандинавската земја го достигна звучниот број од сто илјади автомобили со погон на струја порано од предвидувањата. Следната цел е бројот на електрични возила по норвешките патишта да достигне 400.000 до крајот на деценијава.

Норвешка го прославува стоилјадитиот автомобил со електричен погон во земјата. Во организација на здружението на сопственици на електрични автомобили, коешто со преку 40.000 членови е најголемо од овој вид во светот, настанот беше одбележан во Осло, во присуство на бројни членови и на нивните електромобили.

Претставничката на здружението, Кристина Бу, посочи дека возниот парк од 100.000 електрични автомобили ја поштедува атмосферата од 200.000 тони СО2 на годишно ниво. Иако стоте илјади автомобили со погон на струја учествуваат со само три проценти во вкупниот возен парк во земјата, тие постигнуваат значајно намалување на штетната емисија од возилата. „Но, ќе има и повеќе“, најавува Бу.

Норвешка е светски пример за успешно воведување на електричниот погон

Парламентот во скандинавската земја постави јасна цел: По 2025 година, во Норвешка ќе се продаваат единствено автомобили со погон на струја и со нулта емисија на штетни гасови. За оваа цел да се спроведе според планот, потребни се дополнителни чекори на политиката, за олеснување на набавката на електрични автомобили, проширување на мрежата од полначи за струја и привилегии во секојдневието.

Сопствениците на електрични автомобили уживаат бројни привилегии во Норвешка, почнувајќи од ослободување од патарина и превоз со траект, до бесплатно паркирање. Државата го потпомага и купувањето

Здружението смета дека норвешката политика за електричните возила има клучно влијание во светски рамки. „Норвешка ги инспирира останатите земји да воведуваат слични мерки и на светската автомобилска индустрија и даваме пример за создавање интерес за електричните автомобили кај корисниците,“ посочува претставничката Кристина Бу.

Норвешките искуства во електромобилноста се драгоцени за производителите

Во јуни, делегација од Volkswagen ја посети Норвешка, да се увери во практикувањето на електромобилноста во земјата. Искуството на институциите и на корисниците е вредно и за останатите производители на автомобили, коишто врз таа основа го продолжуваат развојот на технологијата.

Секое четврто електрично возило во Норвешка е Nissan Leaf. Од почетокот на годинава се продадени над 3.800 примероци. Лидер сепак е Volkswagen e-Golf со 5.674 продадени примероци до октомври

За амбициозните цели на норвешкиот парламент да се исполнат, возниот парк од електрични автомобили мора да достигне 400.000 возила до 2020 година, што мора да се поттикне со продолжување на владините заложби за заштита на животната средина, но и со воведување дополнителни мерки.

Привилегии за корисниците на електрични автомобили во Норвешка

Ослободување од давачки при прва регистрација за електрични возила, намалени давачки за плагин-хибриди (До 10.000€)
Понизок данок на сопственост за приватни корисници
Понизок данок на сопственост за деловни корисници
Ослободување од ДДВ
Ослободување од царина
Локални привилегии
– ослободување од градска патарина
– ослободување од патарина на автопат
– бесплатно паркирање
– користење на лентата за јавен сообраќај
– фондови за поставување полначи за струја во станбени комплекси, трговски центри, катни гаражи итн
Јавен фонд за поставување брзи полначи за струја на секои 50 километри регионален пат

Корисниците на електрични автомобили моментно се ослободени од плаќање патарина, вклучувајќи превоз со траект, како и од надомест за паркирање. Локалните власти во иднина ќе решаваат самостојно дали ќе ги применуваат овие привилегии за електричните автомобили. Здружението бара институциите да ја подржуваат електромобилноста, додека нивната цена и досег станат целосно конкурентни во споредба со автомобилите со обичен погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo XC90 на пат да стане најпродаван голем теренец на европскиот пазар

Овој сообраќаен знак го читаат автономните возила