за

Нови слики од класата C на Mercedes

На салонот во Детроит во јануари ќе биде претставена новата класа C. Според изгледот, но и техниката, таа ќе биде мини класа S.

Во почетокот на следната година претстои премиера на новата генерација на моделот од средната класа на Mercedes. Фотографиите од моделот повеќе пати се појавуваа во јавност, прво од случајно или намерно објавениот проспект на интернет, а потоа и од папараците, за време на тестирањето на лимузината на германските патишта. Сега следуваат нови фотографии на кои јасно се гледа изгледот на идната класа C. Како и досега, моделот ќе биде достапен во две дизајнерски изведби, класична Elegance и спортска Avantgarde.

Конкурентот на A4 и BMW 3 ќе биде мини класа Ѕ

Mercedes се впушта во противнапад со новата класа С. Со многубројни системи за асистенција, значително намалена тежина, поголема динамика во возењето и најквалитетна изработка на ентериерот, Швабите сакаат да им го загорчат животот на серијата 3 на BMW и на Audi A4 во средната класа.

Во средната класа се води остра битка меѓу конкурентите. Овие возила во светот ги купуваат подеднакво приватни лица и компании. Тука се постигнуваат пристојни маржи, па соодветно на тоа и добивките се големи. BMW ја претстави новата серија 3 лани, Audi го најави новиот А4 за догодина, па сега и Mercedes се подготвува за острата битка со новата класа С.

Новата класа С ќе се издвојува од конкурентите

За посилно да удира против обата баварски модела, новата класа С, која што ќе се најде во продажните салони в година, оди на лесна конструкција, мноштво помошни системи, кои во дел потекнуваат директно од новата класа Ѕ, во комбинација со подобрена динамика во возењето, што досега не беше особено силна стана на моделот од средната класа на Mercedes.

Се најавува нова предна оска со четири водилки и подобрена агилност. Дополнително ќе стои на располагање и верзија со спортско подвозје, спуштено за 15 милиметри. Класата С ќе поседува и приспособлива амортизација, односно пневматски амортизери со доплата. Со примената на алуминиум за каросеријата и тенки челични лимови со зголемена цврстина се овозможува намалување на тежината за 100 килограми. Застапеноста на алуминиумот ќе се зголеми од сегашните девет на 48 проценти.

Внатрешноста на новата класа С

Промените се најрадикални во кабината. Тука веднаш се забележува дисплејот над средишната конзола. Шефот за внатрешен дизајн Хартмут Зинквиц смета дека овој дисплеј е „ослободување на внатрешниот дизајн“. Исто како кај класата Ѕ, екранот во стил на iPad е целосно застаклен и има висока резолуција. Во комбинација со тркалезните отвори за воздух, овој дел од кокпитот потсеќа на класа А. Прекинувачите во елегантната конзола се сведени на минимум, по пример на конкуренцијата.

Средишниот елемент за ракување е комбинација од ротациски прекинувач и контролер со надолжно движење, кој е опремен со сензорско поле за директно испишување букви. На тој начин возачот може да избира дали ќе го користи класичниот начин или ќе пишува врз сензорското поле. Отстранета е можноста за случајно притискање на контролерот во возењето, како што е случај кај тековниот контролер. Новитет е и проекцискиот дисплеј, што подолго време е во понудата на BMW.

Изработката и впечатокот за квалитет ќе го следат нивото на класата Ѕ, што ќе претставува ноќен кошмар особено за BMW, кој направи напори да го подобри чувството за квалитет во серијата 3, но не успеа премногу во тоа.

Интелигенција од класата Ѕ

Кај помошните системи, класата С профитира од технологијата на знаменосецот. Од него потекнува стерео камерата, која гледа до оддалеченост од 50 метри и ги регистрира пешаците, велосипедистите и автомобилите што наидуваат отстрана. Во комбинација со големиот број сензори, на тој начин се добива прегледност во сите правци, што го олеснува возењето. Класа Ѕ го позајмува и асистентот за возење во застој, кој ја следи колоната при возење во град и самостојно сопира, односно забрзува. При опасност од незгода, сопирачките самостојно го запираат возилото до брзина од 50 километри на час.

Сателитска навигација за чист воздух

За воздухот во кабината да остане чист во текот на возењето, клима уредот автоматски се пеефрлува на рециркулација кога автомобилот се приближува до тунел. Техниката ги користи податоците од системот за навигација и од сателитите. Со електризирање на честичките кислород во кабината се пречистува воздухот, а по избор во него може да се измешаат неколку различни мириси.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Топ 10 држави по продукција на автомобили во ЕУ

Maserati Quattroporte е женски автомобил во Кина