за ,

Новите норми за издувни гасови „преслаби“ за ЕУ

Европскиот парламент ги одби новите норми за издувни гасови за возилата, сметајќи дека истите се премногу попустливи. Преку случајот со Volkswagen се разоткри практиката на авто-браншата да ги лажира вредностите на штетните гасови.

Комитетот за заштита на животната средина на Европскиот парламент гласаше против новите норми за издувни гасови од автомобилите. Според новите норми, на автомобилите во ЕУ требаше и натаму да им се дозволи да испуштаат двојно повеќе од лимитот, односно лошата реална емисија на автомобилите требаше практично да се легализира. Комитетот смета, дека во екот на разоткривањето на практиката на повеќе производители лажно да прикажуваат дека нивните возила се во границите на нормите, мора итно да се промени начинот на тестирање на емисијата на штетни гасови, но дека предложените нови норми се едноставно премногу „лабави“ во тој поглед.

Новите норми се најдоа пред комитетот за заштита на животната средина откако повеќето од 28-те држави членки на ЕУ се согласија за новите норми, во обид да ги заштитат сопствените производители на автомобили од дополнителни трошоци за примена на посложени технологии за пречистување на издувните гасови.

Доколку Комитетот го потврди ветото, нови норми ќе се разгледуваат дури по две години

Доколку противењето на комитетот за заштита на животната средина околу новите норми биде потврдено во јануари следната година, можно е донесувањето на новите норми да се одложи за две години, додека Европската Комисија понуди нов предлог. Повеќето политичари изразија загриженост од можното одложување коешто би следело во случај на вето. Целта е разликата меѓу емисијата при тестирањето на новите модели и емисијата во реални услови на возење да се доведе на минимум. Во моментов постојат модели што во реалноста „легално“ испуштаат до седумпати повисоки вредности на азотни оксиди од нормата.

Подобро двапати над нормите, отколку седумпати над нив

Претставници од здружението на европски производители на возила ACEA сметаат дека е подобро Европскиот Парламент да го прифати постоечкиот предлог, отколку да се чека уште две години додека се предложат нови норми што би биле построги во однос на штетните материи од автомобилите.

Во среда е закажан состанок на претседателите на парламентарните политички групи на којшто ќе се разгледува предлогот за формирање истражна комисија која ќе продолжи да работи на оваа проблематика.

За сериозноста на проблемот ќе посведочи и ситуацијата со хроничната загаденост на воздухот во македонските градови, којашто е дури и неколкупати повисока отколку во ЕУ. Но, инертноста на институциите продолжува. Анализата на Automedia за штетните гасови што ги произведува македонскиот возен парк можете да ја прочитате тука.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сега ќе растат цените: Произведен последниот од 375-те примероци од McLaren P1

Pininfarina стана индиска фирма за каросериски дизајн