Имаше времиња кога малечките лимузини уживаа голема популарност во регионов. Seat Cordoba, Volkswagen Polo Classic, Renault Thalia се само некои од нив. Потоа се појави Dacia Logan и им ја уништи забавата. Но, во некои други краишта, овие мини-лимузини и натаму се прв избор на купувачите. Suzuki Maruti ја претстави лимузинската изведба од новата генерација на Swift, достапна само во Индија.
Каде исчезнаа оние малечки лимузини со џиновски багажник што изгледаше толку несмасно насаден на основната комбилимузинска форма? Легендите како Polo Classic, 206 Sedan и слични, популарни првенствено во регионот на Југоисточна Европа? Тие не исчезнаа, туку доживеаја замена со малечките кросовери што се обидуваат да глумат теренци. Renault Captur, Peugeot 2008, Citroen C4 Cactus или идната Seat Arona, тоа се новите „лимузини“.
За разлика од европскиот пазар, градските автомобили со продолжен багажник и натаму се барани во останатите региони низ светот, особено во Индија. Посестринската компанија на Suzuki веќе го најавува следниот Dzire, изработен врз основа на новиот Swift. Оваа господска комбинација изчезна од Европа уште со втората генерација на Swift, но не и од Индија. Тамошните купувачи не се откажаа од мини-лимузината.
Новиот Dzire е долг околу четири метри, односно e десетина сантиметри подолг од претходникот. Каросеријата доби и 40 милиметри во ширина и 20 милиметри во меѓуоскиното растојание, што значи дека и патниците ќе имаат повеќе простор на располагање. Багажникот исто така доби на волумен и сега располага со околу 375 литри. Најголемата придобивка од преоѓањето на новата платформа е заштедата во тежината: Минус 105 килограми кај верзијата со дизел, односно 85 килограми во верзијата со бензински мотор.
Наспроти класичниот Swift, во чијшто ентериер преовладуваат темни бои, индиската лимузина внесува по малку престиж со двобојната изведба на кабината и со неколкуте сменети детали, како формата на отворите за воздух. Оваа желба автомобилот да се прикаже позрело се забележува и во неколкуте хромирани детали однадвор, барем во повисоките нивоа на опрема.
Дизајнот не беше силен адут на DZire од претходната генерација
Под хаубата ќе работат 1,3-литарски дизел или 1,2-литарски бензинец. Повеќе детали Maruti Suzuki ќе објави при стартот на моделот во средината на мај. Новиот Dzire ги има за конкуренција Volkswagen Ameo, Tata Tigor, Ford Aspire и неодамна освежениот Hyundai Xcent.




















