Спротивно од изјавата на шефот Серџо Маркијоне, новата генерација на Jeep Wrangler сепак ќе остане на класична шасија. Традиционалистите можат да здивнат.
Најверните поклоници на култниот Wrangler неодамна доживеаја непријатен шок кога Серџо Маркијоне, првиот човек на Fiat Chrysler Automobiles, кадешто припаѓа и марката Jeep, изјави дека новата генерација на тврдокорниот Wrangler ќе добие самоносечка алуминиумска каросерија. Тоа би го загрозило имиџот на неуништливост и несопирливост на легендарниот Wrangler. Но, љубителите на овој редок преживеан претставник на вистинската сорта теренци можат да здивнат.
Wrangler нема да добие целосно самоносечка каросерија, туку неговата конструкција ќе биде комбинација од шасија и алуминиумска каросериска надградба. Со примената на лесниот метал ќе се постигне намалување на тежината, спуштање на тежиштето, и на крајот, подобрување на теренските својства на идниот Wrangler. Ако тоа е важно во овој случај, ќе се подобрат и возните својства на пат.
Се очекува новата генерација на Wrangler да се појави во продажните салони во 2017 година. Станува збор за стратешки важен модел на американскиот специјалист за теренци. До крајот на годинава ќе се произведат 235.000 примероци, од коишто досега се продадени околу 134.000 примероци. Единствен модел што се продава подобро е Grand Cherokee, со 136.000 примероци во првите три квартали.
















