Втората генерација на големиот ван на Ford стартува со продажба в година и како прв модел од марката поседува „приспособливо управување“ за подобрена реакција на управувањето. Спортскиот ван во иднина ќе се нуди и со погон на сите тркала. Новитет во гамата на мотори е 1,5-литарскиот бензинец Ecoboost, по пример на Mondeo, од когошто потекнува и платформата. Седиштата на S-Max може да се наместат во 32 различни конфигурации, кабината оддава подобрен впечаток за квалитет.
Формата на каросеријата верно ја оддава динамиката што ја поседува ванот. „Клучни детали се понискиот покрив, тенките светла и муслулестите заоблувања на крилата. Со овие фини детали новиот S-max изгледа уште пошироко и почисто“, објаснува главниот дизајнер Џоел Пјасковски. Предните столбови се повлечени поназад, за хаубата да биде подолга и да може да се моделира со подинамична форма. Семејната припадност на S-Max ја прикажуваат повисоко позиционираната маска во типична форма на трапез, како и тенките предни светла. Во опашот се наоѓа дифузор, со доплата се добива голем панорамски покрив.
Средишната конзола во кокпитот има елегантна линија, а повеќето површини во кабината се обложени со меки материјали, со впечатлив штеп. Според техничарите на Ford, за новиот ван се избрани материјали со висока отпорност на абење и оштетување. Седиштата во вториот и третиот ред се соборуваат на копче, место со лост или со јамка, додека греењето и климатизацијата, коишто беа слаба точка на претходникот, значително се подобрени. Патниците на задните седишта можат посебно да ја регулираат температурата. S-Max е прв модел во сегментот што поседува мултиконтурни седишта со греење и вентилација, како и масажна функција.
Столбот на управувачот доби мемориска функција за повеќе возачи, предните потпирачи за глава се поместуваат и хоризонтално, а воланот се грее. Задните седишта се обложени со поквалитетни материјали и имаат поцврсто полнење. Зголемен е и бројот на прегради во кабината. Место класични инструменти, новиот Ford добива дисплеј од 25 сантиметри, на когошто се симулира изгледот на вообичаените аналогни инструменти. Преку 20-сантиметарскиот дисплеј во средишната конзола се ракува со функциите на конекцскиот систем Sync 2. Со телефонот, радиото, климатизацијата и навигацијата се ракува со едноставни говорни команди. По пример на компактниот теренец Kuga, задниот капак може да се отвори со замавнување со стопалото под браникот, што е практично кога рацете се зафатени.
Камери, радарски и улатразвучни сензори испорачуваат податоци за 16-те системи за асистенција, почнувајќи од помош за паркирање, преку систем за следење лента и препознавање замор, до систем за автоматско запирање при неизбежен судир. Новитет е предната сплит камера, којашто нуди преглед од 18 степени кога со возилото се пристапува на пример на непрегледна крстосница.
Сите мотори ја задоволуваат нормата Euro 6, дијапазонот на моќност се движи од 120 до 180 КС кај дволитарскиот дизел, односно од 160 КС, за новиот 1,5-литарски Ecoboost со директно впрскување и турбонатполнење, до 240 КС за дволитарскиот Ecoboost, којшто во почетокот оди само во комбинација со автоматски менувач.
















