за

Новиот Civic Type R ќе вози со рекордни 270 km/h

Honda објави нови детали и нови фотографии од топ-моделот во гамата на Civic, пред неговото конечно претставување на салонот во Женева. Сосема сигурно, Type R ќе биде најбрз во класата.

Супериорна аеродинамика и дволитарец со тубонатполнење и директно впрскување, чијашто точна моќност и натаму останува непозната, ќе се погрижат новиот Honda Civic Type R да ја понесе титулата на најбрз модел со преден погон во компакт класата, со крајна брзина од 270 km/h. Тоа е новиот податок што го објавуваат од Honda пред премиерата во Женева, а веќе се знае и бојата на автомобилот на штандот, „шампионски бела“.

Honda Civic Type-R Photo: James Lipman / jameslipman.com Gabor - Hungary

Подот на најбрзиот Civic е речиси целосно рамен и „соработува“ со задниот дифузор, заради постигнување оптимална потисна сила, којашто буквално го лепи автомобилот на асфалтот. Големиот заден спојлер исто така придонесува за потисокот, додека предниот сплитер и длабоките странични прагови го контролираат струењето на воздухот и го намалуваат подигнувањето на носот. Предниот браник е специјално изведен за спречување на турбуленцијата околу предните тркала, смалувајќи го отпорот на воздух и воедно придонесувајќи за повисока стабилност при високи брзини.

Honda Civic Type-R Photo: James Lipman / jameslipman.com Karen Parry - UK

Спортските сопирачки носат печат на Brembo на предната оска и конструирани се посебно за Type R. Предните дискови имаат пречник од 350 милиметри и ги „гризаат“ четириклипни сопирачки клешти. Бандажите од 19 инчи имаат ексклузивен дизајн за најбрзиот и најмоќниот сериски Type R досега. Одведувањето на топлината исто така било голем предизвик за конструкторите. Предниот браник има поголема горна и долна маска во споредба со стандардниот Civic, како и канали за проветрување во долниот дел од предните крила.

Премиерата на Honda Civic Type R е на 3-ти март во Женева.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nanoflowcell Quant F: Супер електричниот автомобил е пред старт

Производителот на iPhone подготвува електричен автомобил?